Плането, имаме проблем: Климатските промени му се закануваат на кафето

00xp-coffee-master768[1]

Климатските промени се баш серковци – веќе ги избелуваат коралните гребени, ни се заебаваат со храната, ни ги топат половите и слично, но еден нов извештај покажува дека растечките температури сега исто така им се закануваат на залихите од кафе, и тоа речиси во сите земји на планетава. Ви реков, баш се серковци.

Извештајот се базира на студии од целиот свет, кои го анализираат ефектот на климатските промени врз производството на кафе. Спојлер алерт: не изгледа добро.

„Стравуваме дека до 2050, можно е да посведочиме 50-процентно намалување во производството на кафе ширум светот, што не е добро“, вели Моли Харис Олсон – извршен директор на Fairtrade Australia and New Zealand, кои го објавија извештајот. Згора на тоа, до 2080, дивото кафе – важен ресурс за фармерите на кафе – може комплетно да исчезне.

Извештајот е инаку спроведен од Climate Institute – авсстралиска непрофитна организација, и иако не содржи некакви нови откритија, тој е една од првите студии која го сплотува досегашното истражување во полето на иднината на производството на кафето, но и штетата што досега е направена.

На пример, во „Bean Belt“ (во буквален превод: „зрнест појас“) – кој вклучува земји како Колумбија, Бразил, Етиопија и Виетнам – температурите се веќе пораснати за 1.3° Целзиусови. А во Танзанија, каде 2.4 милиони луѓе работат во индустријата со кафе, жетвите се веќе опаднати за 50% – во споредба со 1960-тите.

Еден од најголемите проблеми е што еден од двата главни видови кафе – Arabica (Coffea Arabica), сочинува 70% од глобалните залихи и е неверојатно сензитивен на топлина. На температури повисоки од околу 23° Целзиусови, растението расте пребрзо и прерано раѓа плодови. Се разбира, овие зрна го немаат потребниот квалитет за кафето какво што го знаеме.

Но температурата не е единствениот проблем.

Прочитајте и:  Грета Тунберг: Климатската конференција на ОН во Баку е само „црн хумор“ наместо вистинска климатска акција

Не само што топлината приморува одредени региони да произведуваат кафе во повисоките делови, туку се случува и пораст на штетниците, но и на болестите што сега можат да стигнат до овие области. Меѓу болестите е и „кафената ‘рѓа“, а меѓу штетниците е таканарачениот „coffee berry borer“ – бубачка која веќе ѝ причинува штети на индустријата со кафе од околу стотици милиони долари годишно.

За пијачите на 2.25-те милијарди испиени филџани кафе дневно, главниот импакт веројатно ќе се одрази преку цената, која ќе продолжи да расте паралелно со опаѓањето на производството. За луѓето во земјите од Bean Belt, особено за фармерите на кафе, последиците ќе бидат многу пострашни – ќе ги изгубат приходите и ќе немаат доволно за да ги прехранат своите семејства.

„Не постои компанија за кафе на планетата што е доволно голема да може да се избори со предизвикот од климатските промени“, вели Даг Велш – претседател на World Coffee Research Group. Групата е финансирана од интернационални компании во обид преку науката да ги заштитат нивните жетви. Моментално работи на повеќе проекти за спасување на кафето, но засега се сведуваат на создавање на генетски резерви за да се презервира генетскиот диверзитет на кафето Arabica, и на потрага по одредени видови на растенија на кафе кои се резистентни, а се вкусни за нас луѓето.

Сепак, сé се тоа само очајнички обиди. Ако продолжиме да гориме фосилни горива и ја покачуваме температурата на планетата, неизбежно е да се соочиме со горенаведените последици. А ако тоа значи дека во 2050-та, кога веќе ќе бидам старо и огорчено мрчало, ќе треба да се будам и да го терам денот без кафе зашто ќе биде прескапо и нема да можам да си го дозволам – боље убијте ме сега.

- Реклама -