Земјата во која раперите мораат да ѝ се упикуваат на владата

Da-Bouncer[1]

Таџикистанската рап сцена преживува пар турбулентни години. Од 2014-та, хип-хопот беше забранет во автобусите, во таксињата, на јавни простори, на државната телевизија и радио… Малкуте приватни радио и ТВ станици исто така одбиваат да пуштаат хип-хоп, во страв дека ќе ги изгубат своите лиценци. Музичарите кои прават музика „што им е страна на националните и универзалните човечки вредности“, како што ја опиша градоначалникот на Душанбе – главниот град на Таџикистан, исто така се попречени и да одржуваат концерти – властите одбиваат да им ги издаваат потребните дозволи за одржување на концерти.

Додека едните избегаа од земјата, жалејќи се на политичките прогонства што ги спроведува владата, други најдоа начин да ги заобиколат медиумските и владини блокади: пеј за претседателот. И така сега имаш познати таџикистански рапери како Boron, што пред јарболот со знамето (највисок во светот) поставен пред Националната палата во Душанбе рапуваат за тоа дека претседателот Рамон е „Сенката на Бога во рајот на Земјата“.

Таџикистан е авторитарна земја, каде општата идеја за слобода на говорат е на пат целосно да исчезне. И покрај тоа што е претседател веќе четвртина од веков, Емомали Рамон нема намера да се откаже од моќта. Напротив, на благо речено сомнителниот референдум во мај годинава, Рамон собра 94.5-процентно мнозинство кое го даде својот амин за тој да може да се кандидира и да освои неограничен број мандати, како и за тоа неговото семејство – кое ги поседува речиси сите бизниси во земјата – да е засекогаш имуно од криминално гонење.

Пред некоја година, на интернет се појави видео во кое Рамон пее караоке и игра пијан на свадбата на еден од синовите, опкружен со делегати и пријатели како небаре да се бој бенд. Нормално, видеото стана интернет сензација и култна класика.

https://youtu.be/k-d8LZq6OKc

Па така, Рамон го забрани Youtube, за да спречи „несоодветно однесување на луѓето“. „Сајтот беше паднат цели три недели, додека претседателските потрчковци не најдоа начин да го тргнат навредливиот материјал од таџикистанскиот сајберпростор“, објаснува соговорникот на Vice, набљудувач на Европската Унија во Душанбе.

Зошто на слободниот говор во Таџикистан се гледа како на така голема закана?

Дејвид Луис, предавач на универзитетот од Ексетер, објаснува:

„Иако тие со различни мислења изгледаат како да немаат многу поддршка, тие го поткопуваат моделот на строго контролирачки но популарен режим, создаден од претседателот Рамон. Дури и само неколку критичари ја нарушуваат сликата која политичкото лидерство ја има формирано за самото себе, а владата е загрижена дека критицизмот може многу брзо да се претвори во поширока политичка опозиција“.

Во меѓувреме, многу од алтернативните гласови завршуваат во емиграција, на овој или оној начин. Режимот одамна е многу активен во гонење на тие што не се согласуваат, и дома и во странство. Се обиде да го искористи дури и Интерпол за да ги следи и затвори политичките противници, барабар со радикалните исламистички активисти. Затоа можат да се чујат основани гласини за насилство врз емигрираните, за присилни враќања и за затворени Таџикистанци во Русија.

Сосема вообичаен билборд од претседателот.
Сосема вообичаен билборд од претседателот.

Раперот Dorob-YAN’s е роден во таџикистанскиот град Корог, но не живее таму. Неговото семејство било принудено да избега од земјата по граѓанската војна во 1992.

„Татко ми беше бунтовник, и се бореше за народот, па почна да добива закани од владата“, раскажува YAN за Vice. „Живеев во Киргистан до 2005-тата, а после се преселив во Русија, каде рапот стекна голема слушателска публика“.

Во Москва, YAN ќе падне во рацете на тајните служби, како резултат на неговата песна во која го критикува таџикистанскиот претседател. Песната носи наслов „Не бидете тивки“, а стиховите се од типот:

„Политичари со полни стомаци / никогаш не се изморуваат од парите на нивните банкарски сметки / Во меѓувреме, луѓето продолжуваат да молчат и да веруваат / дека еден ден гозбата ќе дојде до нивните улици / Јас сум син на овој град и на оваа сиромашна земја / и кој, ако не ние, ќе може да избега од овој мрак?
Опкружени сме со изградба, хотели и бутици / додека нашите домови немаат вода или струја, и сé тоа бе причина / Зошто нашите луѓе мораат да се робови во странска земја? / Мојата татковина тивко плаче и чека, чека / да биде ослободена од нејзините луѓе…“

„Луѓето кои ме затворија беа од таџикистанските служби, заедно со руските власти. Ме затворија три пати. Третиот пат почнаа да ми се закануваат, дека ќе ме затворат долгорочно, дека никогаш нема пак да бидам слободен, дека не требало да ја издадам траката, и дека можат и едноставно да ме елиминираат – и тоа не се сите закани. Истовремено, сакаа да ми отворат криминално досие за да можат да ме екстрадитираат. Ми ги блокираа страните на друштвените мрежи. Почнав да добивам заканувачки телефонски повици, и од руски и од таџикистански броеви. Сфатив дека морам некое време да останам скриен, и избегав во Киргистан“.

Раперот SOR само ја дополнува сликата на тоа како е да се биде музичар во Таџикистан. Тој живее во Душанбе, и дури скоро собра пари за да го издаде својот прв албум – носејќи вреќи цемент.

„Правам музика веќе 15 години, но уште од почетокот беше многу тешко бидејќи немаше студио. Во музиката, особено од рапот е невозможно да се живее, невозможно да се заработат пари. Олд-скул раперите веќе не прават музика бидејќи дома имаат гладни луѓе. Многу е важно да се има алтернативна сцена, но за жал, никој нема гласно да го рече тоа, и никој не ги поддржува рап артистите, вклучувајќи го Министерството за култура. 2000-тите беа друго време, тоа беше време на вистински андерградунд рап“.

https://youtu.be/KsZALXlQzAQ

И така, улиците на Душанбе се задушуваат во опресивен воздух. Со слободата на изразувањето и младите движења земени на пик, на младите не им преостанува многу избор. Така, и тие, како и другите возачи, си плаќаат мито кога ги запираат сообраќајци на секои 50 метри, а во меѓувреме ги работат оние малку работи што наметнатата тесна перцепција ги смета за примерни. Во таква атмосфера, некои од раперите фатија тотално друг правец од овие погоре: орално… овај вербално задоволувајќи ги властите.

Па така, тука ги имаме Adaba, Mr. Skap и Sam Salamov, облечени во националните бои, позирајќи и играјќи пред таџикистански знаменитости во видео спотот за песната „Таџикистан“, кој по ништо не се разликува од реклама за туризам, во кој се слави сé таџикистанско – од националната авиокомпанија, па до фудбалската репрезентација на Таџикистан. Прошаран и со слики од претседатело, песната ги повикува слушателите да го кренат знамето и да ја слават независноста, постигната со „Божја“ помош, т.е. помош од Рамон.

https://youtu.be/hB9UiGL1kb8

Терајќи ја истата логика, во видеото за песната „Драга татковино“, споменатиот рапер Doron е неизмерно инспириран од зборовите на претседателот, и го нарекува „Лидерот на нацијата, дедо Емомали“. Улизувањето работи: во април 2016, песната на Boron стана првото рап видео прикажано на националната телевизија по повеќе од две години по забраната на рапот во 2014-та.

„Во Таџикистан има голема индустрија на фестивали, каде луѓето слават празници, родендени и свадби заедно“, вели еден анонимен извор од невладина организација во земјата. „Овие изведувачи, кои пеат за ‘сонце’ или за ‘бог’, тие само сакаат да бидат поканети на овие настани. А кога официјалните власти – кои најчесто ги организираат овие прослави, решаваат да поканат пејач, тие преферираат да слушаат ‘соодветна’ песна, ако ме разбирате. Мислам дека овие пејачи само ја следат економската перспектива; тие едноставно сакаат да добијат работа“.

Во меѓувреме, YAN останува на црната листа, но и оптимист дека моќта на музиката може да донесе промена.

„Без младината, нема иднина“, вели. „Владата не им посветува внимание на младите, и тоа е нивната грешка, од која ефектите ќе бидат почувствувани подоцна. Од досада, многумина се веќе заминати да се борат во Сирија, но немаат ни појма за што ќе се борат таму. Јас ќе продолжам да правам политички песни во кои ќе ја таргетирам владата на Таџикистан. Кога татко ми имаше 92 години, тој го бранеше својот народ. Сега нас ни е редот. Но нашите татковци мораа да ги бранат народните интереси со оружје, додека ние денес имаме лист и пенкало“.

* * *

Настрана дискусијата околу квалитетот на таџикистанскиот рап, горниве примери се јасен показател дека рапот, кога го има основниот елемент – бунтот, не е музика за потценување. Освен кога подлизурковци, какви што ги има секаде, го користат за да настапуваат на разни Скараленди, Кичоскопи, предизборни кампањи и други народни собиранки.

- Реклама -