Каква еволуциона предност би можело да ти донесе тоа да се движиш бавно како македонска администрација? Едно ново истражување реши да ѕирне во раатскиот живот на мрзливците.
Во животинскиот свет, брзината е клучот. Брзите животни имаат предност не само во надтрчување на предаторот, туку и на пленот, а тоа автоматски ги става на висока позиција во ланецот на исхрана. Сосема очекувано би било сите животни да се стремат кон брзина… и одеднаш, имаш мрзливци.
И додека читата може да развие од 0 до 100 км/ч за само три секунди, на мрзливецот му треба цел ден за да помине 35-40 метри. Така голем недостиг од ведрина и порив звучи како чудна насока на еволуцијата, но како што покажува новата студија, летаргичниот начин на живот на мрзливците е директна последица од нивната адаптација на животот на дрво.
Мрзливците живеат на дрва, а се хранат исклучиво со листови (фоливори), што ги прави исклучително ретки. Иако најголемиот дел од земјата е покриена со дрва, постојат многу малку ‘рбетници што нивните крошни ги нарекуваат дом.
Целта на студијата, вели Џонатан Паули – професор на Универзитетот на Висконсин-Медисон по екологија на шуми и див свет, е да помогне да се објасни зошто ваквите животни се толку ретки и зошто нема многу други животни што еволуирале да ја експлоатираат така застапената еколошка нишка како што се дрвата/листовите.
„Меѓу ‘рбетниците, ова е најреткиот стил на живот“, вели Паули. „Кога ќе замислиш животни што живеат од листови на растенија, речиси сите од нив се големи – животни како лосот, северниот елен и срните/елените. Тоа што е суперинтересно за арбореалните (што живеат на дрво) фоливори е што тие не можат да бидат големи“.
При еволуцијата, организмите се разгрануваат од нивните претци, заземајќи разни особини и форми што им овозможуваат поспецијализиран живот. Енергетската ограниченост на исхраната со листови, пак, ја спречува таквата разгранетост во случајот на мрзливците. „Специјализацијата“ кај мрзливците, конкретно, значи адаптација на екстремитетите, намалена телесна маса, бавен метаболизам и канџи во улога на куки што му овозможуваат на животното да виси и да се движи по гранките на дрвата.
„Оваа студија објаснува зошто јадењето листови во крошните на дрвата води кон бавен живот, зошто брзите животни како што се птиците не јадат листови, и зошто животните како што се елените – кои јадат многу листови – имаат тенденција да се големи и да живеат на земјата“, вели Даг Ливи – програмски директор на National Science Foundation’s (NSF), која го фундира истражувањето.
Кога истражувачите измериле колку енергија користат мрзливците што живеат на дрвата, наишле на лудо мала потрошувачка од само 460 килоџули енергија на ден – што е еквивалент на согорување на 110 калории. Тоа е најниско измерената енергетска потрошувачка меѓу сите цицачи.
Малата нутритивна вредност на листовите, како и малото тело на мрзливците кое не дозволува јадење на големи количини во еден наврат – значи дека мрзливците мораат да најдат начини да го максимизираат ефектот од нивната ретка исхрана, објаснува Паули. А тоа значи користење на мали количини на енергија, што се постигнува преку намалено темпо на метаболизмот, драматична регулација на телесната температура и живеење на исклучително бавен и релаксиран живот.
Што добиваат мрзливците од сето ова? Па ете, титула на најбавен цицач на планетата, и посебна еколошка нишка само за нив.