Глупоста на одлучните

15-desicion-making.w710.h473.2x[1]

Ако дури и наједноставните одлуки ти паѓаат тешко, како тоа што од еднакво вкусните јадења да порачаш во ресторан, не очајувај. Има вредност во тоа да се биде бавен во одлуките, па дури и да се биде несигурен околу одлуката откако е донесена.

Во една неодамнешна статија, Harvard Business Review прави анализа на Top Pricer Tournament – вид на онлајн игра што им овоможува на бизнис-стратегистите да ги демонстрираат своите вештини во бизнис-стратегија, решавајќи како би им помогнале на одредени (лажни) компании да излезат од некои мошне замрсени проблеми – од типот на потрошувачка лојалност, одредување на цена, или одговор на конкуренцијата. Генерално земено, одговорите на играчите имаат тенденција да потпаднат во една од три категории: „(однапред) знам“, „сега знам“ и „не знам“.

Општо гледано, „знам“ играчите – самоуверени и одлучни во своите брзи одлуки, и „сега знам“ играчите – убедени во исправноста на одлуката откако малку се колебаат – се претежно постари мажи, макар што во категоријата „знам“ има и дел од младите машки бизнис студенти. „Не знам“ луѓето – кои се несигурни дури и во своите промислени одлуки, претежно се помлади. Интересно е што повеќе од пола од женските натпреварувачи исто така спаѓаат во „не знам“ групата – што е многу повисок процент отколку кај другите мајндсетови.

Во оваа игра, една од групите ги носи најдобрите одлуки, и тоа доста почесто од другите. Погодувате? Тоа се „не знам“ луѓето. Овој заклучок го потврдуваат и академските истражувања, во кои се покажува дека луѓето што се одлучни и самоуверени во брзите одлуки, многу често се мотивирани едноставно од желбата за разврска. Со други зборови, тие порадо ќе донесат погрешна одлука, отколку да останат предолго во сферата на неизвесноста. Баш штета, зашто се покажува дека со таков мајндсет се прават најмногу грешки, а кај неизвесноста се случуваат најинтересните и најкорисните нешта.

А сега, потсетете се на купиштата огласи за работа во кои се бараат работници што „имаат способност за работење под притисок“, кои се „одлучни“ и со „способност за брзо носење на одлуки“. Џабе збореа старите: Брза кучка – слепи кучиња раѓа. Светот трча пребрзо напред за да ги чуе.

- Реклама -