Ја погребавме темницата

the%20night%20sky%20is%20my%20second%20home[1]

Еден од тројца луѓе на Земјата веќе не може да го види Млечниот пат на ноќното небо над својот дом, покажува научниот труд објавен во Science Advances. Со други зборови, ти навечер не го гледаш истото небо што некогаш го гледала баба ти.

„Го изгубивме погледот на космосот“, вели Крис Елвиџ, кој заедно со колегите го состави „светскиот атлас“ на „светлосното загадување“. Под светлосно загадување се подразбира осветлувањето на ноќното небо, кое е резултат на уличните светла и другите извори направени од човечка рака.

Кога последен пат беше направено вакво мерење, Млечниот пат (галаксијата во која спаѓа нашиот Сончев систем) не можеше да го види секој петти. Генерално, 83 отсто од светската популација и 99% од Американците живеат во области со голема светлосна загаденост. „Човештвото ја замота Земјата во магла од светлина што нé спречува да ја гледаме нашата галаксија“, стои во научниот труд.

„Ова е голема културолошка загуба со непредвидливи последици за следните генерации“, вели Фабио Фалки – еден од авторите на студијата. „Чистото ноќно небо е многу ценета стока“.

Сингапур е градот со најголема светлосна загаденост. Во Сингапур, небото всушност никогаш не е навистина темно. Заради пресилната вештачка светлина, градот секогаш изгледа како да е во самрак, дури и на полноќ. „Целата популација живее под така светло небо, што окото веќе не може ни да се адаптира во потполност на ноќниот вид“, се вели во извештајот.

Ретките „оази“ се наоѓаат претежно во Африка: Чад, Централна Африканска Република и Мадагаскар.

Опасноста од премногу светлина

Очигледно, светлосното загадување е глобален проблем. Ама не е само за луѓето. Таквата ситуација може да влијае на нашата култура на живеење, да предизвика глобални еколошки проблеми, да предизвикува проблеми за јавното здравје и сл.

На пример, вештачката светлина има директен ефект на човековата психологија и однесување. Според една медицинска студија од 2007, може да го промени циркадичниот ритам и да влијае на продукцијата на одредени хормони. Може и да го наруши соновиот циклус, потиснувајќи го создавањето на мелатонинот и зголемувајќи го нивото на кортизол – хормон кој е поврзан со стресот.

Нормално, луѓето во урбаните околини се најафектирани од светлосното загадување, но тоа што е загрижувачки е што вештачкото осветлување почнува да се пробива и во ненаселените области.

Вештачкото светло може да има негативен ефект и врз животната средина. Таков е примеротсо желките: уличните бандери во близина на океанските брегови можат да предизвикаат бебињата-желки што само што се испилиле да станат дезориентирани и да одлутаат кон копното наместо во океанот, што пак води кон нивна смрт заради дехидрација и изложеност на предатори.

Во меѓувреме, светлосното загадување е последица и на верувањето дека вештачкото светло ја зголемува безбедноста на патиштата и ја намалува стапката на криминал – верување што баш и нема научна докажаност.

- Реклама -