Како ја упрапастивме науката

44544A57-155D-2B90-03232005E7A0B0AB[1]

Кафе – магичен лек или ризик по здравјето? Зависи кое истражување го читаш, и каде го читаш. Ако ги прошараш медиумите и прочиташ како известувале на оваа тема, тешко дека ќе наидеш на јасен одговор.

Според разните медиуми, студиите сугерираат дека кафето може да помогне во залекување на оштетувањата на црниот дроб, може да спречи рак на дебелото црве, да го намали ризикот од рак на матката, ама и да го зголеми ризикот од спонтан абортус.

„Кафето денес е како Господ во Стариот завет: Или ќе те спаси, или ќе те убие, во зависност од тоа колку веруваш во неговите магични моќи“, ќе рече Џон Оливер на неделното Last Week Tonight шоу. „Порано или подоцна, сите овие смешни информации можат да направат да се запрашаш, дали науката е срање?“

Науката постои и намената ѝ е да нé информира. Ама како што објаснува Оливер, начинот на кој новите студии се пренесени и презентирани во јавноста генерално водат кон дезинформација на општата јавност и можат да доведат до степен луѓето да престанат да веруваат во самиот научно-истражувачки процес, што е страшно и уште повеќе – неоправдано.

Таквата перцепција може да предизвика големи проблеми: да ги наведе луѓето дека науката греши на тема климатски промени, или дека вакцините предизвикуваат аутизам: два става за кој постои научен консензус дека се погрешни.

„Науката, по својата природа е несовршена, ама е многу важна. И заслужува подобро отколку да биде испревртена надвор од пропорција и да биде претворена во утринско оговарање“, вели Оливер.

Постојат неколку причини зошто толку многу лоши истражувања стигнуваат до јавноста на редовна основа:

• Журналите обично ги објавуваат само истражувањата што продуцираат важни резултати, со тоа охрабрувајќи ги научниците да ја „модифицираат“ т.е. лажираат методологијата сé додека не ги добијат потребните (некогаш потребни за нив, некогаш за нарачателот) големи резултати. Една таква пракса е таканареченото p-hacking, кое се состои од собирање на куп варијабили и потоа барање на некаква статички значајна, макар и слаба, корелација.

• Најдобриот начин на науката да ги верифицира конкретните откритија се репликационите студии, во кои се проверува дали се добива истиот резултат. Таквите речиси и никогаш да не се прават кога се работи за малку значајни „откритија“, таквите студии се ретко финансирани, тие се потценети и не се објавуваат, а дури и кога тоа ќе се случи, апсолутен факт е дека речиси секогаш се игнорирани од медиумите и јавноста. Сето тоа резултира со научници кои не сакаат да ги прават ваквите студии, бидејќи нема систем што би го наградил нивниот труд.

• Во медиумите често се претерува кога се известува за резулатите од студиите, сé со цел да бидат поинтересни т.е. „посекси“ – што би рекол Оливер. „Тоа ти е како расипан телефон. На секој чекор, суштината се изобличува сé повеќе“. Откритијата се преувеличуваат надвор од секаква пропорција, а медиумите ретко се занимаваат со методологијата на студијата и „ситниците“ што и те како се важни за споменување – како што е малата контролна група. Таков пример имаше лани, кога буквално сите известија за откритието дека возењето дехидриран е исто така опасно како и да возиш пијан. Тоа што едвај некој го напомена е што студијата беше спроведена на многу мала контролна група од 12 мажи, и е малку веројатно дека резултатите од истата важат и генерално и можат да бидат земени како научен факт. Јавноста, пак, токму така ги сфаќа – упростено: или се вистина или не се.

Сето тоа резултира со јавност која е љубопитна и активно се интересира за случувањата во науката, но на крајот излегува дезинформирана, што пак подоцна создава антагонизам и недоверба кон научниците, науката и кон основниот принцип на научниот метод. Оливер дава еден добар пример кога водител на едно американско шоу вели: „Јас мислам дека правиот начин да се живее животот е да најдеш студија која ти звучи најдобро и да делуваш во согласност со неа“. „НЕ НЕ НЕ НЕ НЕ и НЕ“ – е одговорот на Оливер. „Во науката немаш право селективно да ги одбираш деловите само затоа што ти одат во прилог на тоа што и онака си планирал да го правиш“.

- Реклама -