Лекциите што ги научивме 30 години по Чернобил

shutterstock_357442256[1]

26 април 1986 година е датум кога се навршуваат 30 години од една од најголемите трагедии во човековата историја – хаваријата во АЕЦ „Чернобил“. Тоа е денот кога експлодираше четвртиот енергетски блок на централата.

Последиците беа огромни – од радијациско загадување настрадаа 19 руски региона – на површина од речиси 60.000 километри квадратни, со население од 2.6 милиони луѓе.

Засегнати беа и 12 области во Украина, со површина 50.000 километри квадратни; како и 46.500 квадратни километри од територијата на Белорусија. Околу 200 илјади луѓе беа евакуирани од своите родни места. Скоро 60% од радиоактивните отпадоци паднаа на територијата на Белорусија.

Веќе поделените држави Русија, Украина и Белорусија беа подложени на значителни трошоци за деконтаминација и одржување на здравјето.

Чернобилската несреќа се смета за најтешка несреќа во историјата на нуклеарната енергетика, а заедно со хаваријата на АЕЦ Фукушима I од 2011 година, е меѓу 2-та настани од ниво 7 по Меѓународната скала за нуклеарни настани.

shutterstock_362304092[1]Покрај трагедијата, 26 април 1986 година ќе остане запаметен и како вовед во една нова ера на односот на човештвото кон „мирниот атом“. Радиоактивното загадување на огромната територија како последица на хаваријата и ден денес има последици по милиони луѓе, макар и во форма на негативен спомен. По чернобилската катастрофа, отпорот кон нуклеарната енергија молскавично брзо се прошири низ светот. Како резултат, многу од плановите за изградба на нови реактори во 80-тите и 90-тите години на минатиот век беа откажани.

Токму тоа е и најважниот траен резултат од Чернобил – фактот што граѓаните и даночните обврзници во целиот свет веќе никогаш нема со леснотија да ги прифатат ризиците од нуклеарната енергија. А меѓу нив се складирањето на опасни радиоактивни отпадоци, можноста за нејзино користење за изградба на нуклеарно оружје и пред сè – можноста од хаварија од „чернобилски тип“.

Денес знаеме дека причината за историската нуклеарна несреќа е комбинација од лошата конструкција на советските реактори РБМК (Реактор большой мощности канальный) и феноменална серија од човечки грешки. Избегнувањето на овие фактори стана непишано правило за инженерите кои проектираат нуклеарни енергетски објекти. Така, Чернобил стана моќна невидлива рака која радикално ги промени регулативите за нуклеарна безбедност и која постојано стимулира создавање на нови генерации побезбедни и поефикасни атомски централи.

nuke%20tech[1]

Новите нуклеарни реактори кои се градат во моментов или се планирани за блиска иднина, се од третата генерација. Тие вклучуваат голем број на подобрувања, обезбедувајќи поголема ефикасност и продолжен век на траење. Пред сè, и тоа како директен резултат од горчливите лекции од Чернобил, новите реактори користат принцип на т.н. „пасивна безбедност“. Ова значи дека во случај на хаварија, самата конструкција на реакторот природно ги забавува и запира опасните процеси. Овие мерки се базирани на основни физички сили (како гравитацијата) и не зависат ниту од човечка интервенција, ниту од какви и да е технолошки системи за безбедност. Првите реактори од оваа генерација веќе работат во Јапонија, а во следните години неколку такви ќе бидат изградени и во Европа и Кина.

Уште поголем степен на сигурност ќе поседуваат идните нуклеарни реактори од четвртата генерација (Gen IV), кои во моментов се предмет на активен развој и разработка, а се очекува да влезат во употреба некаде до 2030 година. Ќе се базираат на разни видови технологии, но заедничко за сите нив ќе биде значителното подобрување во сите важни аспекти. Овие енергетски објекти ќе произведуваат побезбеден радиоактивен отпад, ќе можат да го рециклираат постоечкиот нуклеарен отпад, а освен тоа ќе произведуваат и стотици пати повеќе енергија од едно исто количество гориво. Секој од овие реактори ќе биде пасивно безбеден, а некои од нив нив ќе поседуваат дури и т.н. „вродена/наследна безбедност“ (inherent safety) – што би претставувало највисок можен степен на безбедност за нешто создадено од човечки раце. Овој концепт значи дека конструкцијата на централата сама по себе ги спречува факторите и околностите кои можат да доведат до хаварија.

Во крајна сметка, најголемата нуклеарна несреќа во историјата ќе биде запомнета не само по големата човечка и материјална штета, туку и по новиот светоглед кон побезбедни нуклеарни централи.

- Реклама -