За читателите, довербата и интернет порталите

naslovna

На 1-ви април, српскиот портал 021.rs објави (шеговита) вест дека ќе се руши некоја си Економска школа и на нејзино место ќе се градат „кули близначки“, по теркот на оние што беа срушени во Њујорк. Чудно, ама наидоа на поплава од негативни реакции, што до нив, што до властите.

Ситуацијава поставува неколку важни прашања. Постои ли граница помеѓу препознавањето на вистинити и „измислени“ вести? Дали веќе сме навикнале на тоа властите да нé изненадуваат со секакви глупости, па веќе не нé ни зачудуваат?

Од една страна, многумина поверуваа во оваа „вест“, од друга – на анкетата што ја спроведе 021.rs, луѓето тврдат дека не веруваат во тоа што го објавуваат медиумите. Како главна причина наведуваат што новинарите и медиумите „се платеници“ или затоа што лажат заради тираж и читаност. На прашањето зошто сепак ги следат медиумите и ги прераскажуваат нивните содржини, анкетираните одговараат дека тоа го прават заради забава, и понатаму тврдејќи дека во тоа не веруваат. Други, пак, истакнуваат дека се верува во сé бидејќи живееме во времиња кога ништо веќе не нé чуди.

Комуникологот Јелена Клеут, во разговор со порталот, истакнува дека ваквите контрадикторности кај публиката се вообичаени:

„Многу ќе речат дека не веруваат на медиумите, но тоа се одговорите кои ги добивате само при анкети. Тоа не значи дека читателот на некој весник/портал не им верува, инаку зошто би трошеле време на нешто во што не верувате? Сите тврдат дека во новинарството сите лажат, а сепак сите го читаме напишаното. За читателот, неговиот медиум е секогаш вистинит“.

Причините за истовременото верување и неверување во новинарските информации, таа ги наоѓа во самата природа на медиумите. Медиумите не известуваат за обичното, за она што не нé вознемирува и не ни помага да се ориентираме во околностите. Очигледниот проблем е што дел од медијата оди во потполна крајност и вришти и пишува со „caps lock“ како е сé „страшно“ и „неверојатно“, па добиваме купишта наслови како „погледнете“, „ексклузивно“, „направил ова па се случило она“ и слични од тој истоштувачки калибар. Во таква ситуација, логично е што ништо веќе не може да го зачуди читателот и што е истрениран да верува во секаквите „чуда“ за кои се пишува во медиумите.

Со други зборови, веруваме на сите вести затоа што живееме во општество на постојана заблуда макар што тоа не ни е оправдување за некритичноста. Проблематично е кога живееме во општество во кое многу веруваат дека Земјата е шуплива и дека научниците цело време нé лажат, а дека лекот за рак може да се сведе на јадење на една кајсија дневно, на пример. Притоа голем дел од новинарите наидуваат на проблем, особено оние кои сакаат да користат пародија и метафори во текстовите.

Јелена Клеут смета дека публиката многу помалку би верувала во било која непроверена информација кога би постоело критичка мисла. А за критичко размислување се потребни медиуми во кои можете да прочитате многу различни гледишта. Во тој случај публиката би била натерана и самата да размислува, што од друга страна, во никој случај не значи дека решението е и публиката и медиумите да се нон-стоп во фаза на активно размислување. Но, дека треба повеќе од ова во моментов – треба и те како.

- Реклама -