Сé за црните и зелените маслинки

Black-or-Green-Olives[1]

Човекот сади маслинки уште од пред 7.000 години, а нивниот плод е составен дел на скоро секоја светска кујна. Се одгледуваат насекаде низ светот, а најпознати се италијанските, шпанските и грчките.

Е сега, многумина ги разликуваат само по бојата, како црни и зелени, но маслинките имаат и многу други карактеристики. Се разликуваат по начинот на конзервирање, вкусот и по тоа каква храна се служи со нив.

Основната разлика помеѓу зелените и црните маслинки е во стадиумот на зреење на плодот. Зелените се обрани од стеблото уште додека се незрели, по отприлика 6 месеци, пред да почнат да ја менуваат бојата. Генерално, тие имаат покомпактно и посочно месо, а по вкус се посвежи и послатки.

Црвенкастите маслинки се набрани точно во моментот на зреење, а црните слободно можат да се наречат презреани. Колку се потемни, толку им е месото помеко, а вкусот поинтензивен и погорчлив.

Понекогаш се случува на едно дрво да пораснат и светли и темни маслинки, па боите да се помешаат. Исто така, маслинките потемнуваат и во процесот на ферментација, но никогаш не стануваат онака баш црни.

Интензитетот на вкусот и аромата се разликува од сорта до сорта, но зависи и од тоа како се чуваат. Зелените маслинки често се продаваат без семки, полнети со пиперки, бадеми или лук.

СОРТИ МАСЛИНКИ

Најпопуларната сорта црни маслинки е Каламата. Името е добиено по истоимениот грчки град од кој потекнуваат. Се берат дури кога потполно ќе созреат, а се конзервираат во оцет, масло или вино. Имаат облик на бадем и имаат специфичен вкус. Неизоставен дел се од летните салати, но се и одличен додаток со печена риба.

Најпопуларните зелени маслинки се Халкидики. Често се сервираат во саламури. Луткасти се, а нивниот интензивен вкус најдобро оди во комбинација со полнење од бадеми.

Мазаниља се најпознатите зелени маслинки кои традиционално се одгледуваат во Андалузија. Имаат неутрален вкус, па се погодни како додаток во многу јадења. Најчесто се полнети со пиперка, сардина или бадеми. Со аперитив се послужуваат со лук, чили или зачински билки. Од нив се добива и прекрасен намаз.

Черињола се големи зелени маслинки кои се одгледуваат на југот на Италија. Заради свежиот вкус се многу ценети, а се користат во подготовка на леб со маслинки и одлично се сложуваат со свежи сирења.

Маслинките Гаета традиционално се одгледуваат во истоименото италијанско место јужно од Рим. Ситни се, црвенкасто-кафени и тешко се одвојуваат од семката. Се чуваат во саламури околу 8 месеци. Воглавно не се користат во ладни предјадења, а најдобри се како додаток за тестенини, салати, месо и риба. Традиционално се користат во рецепти со бакалар и со телешки шницли.

Никоаз се француски црни маслинки кои се одгледуваат во Прованс. Имаат сладок вкус, што и не е невообичаено за црните маслинки. Познати се како неизоставна состојка на истоимената салата.

- Реклама -