Болт остана крал на спринтот (видео)

Усеин Болт и натаму е најбрз човек на денешницата, без конкуренција, откако синоќа триумфираше на финалната трка на 100 метри и го одбрани златниот медал освоен пред четири години во Пекинг.

Спринтерот од Јамајка одолеа на предизвиците на неговиот сонародник Јохан Блејк, како и на ривалите од САД, експлодираше во втората половина од трката и со време од 9,63 секунди не само што додаде ново злато во својата колекција трофеи, туку и постави нов олимписки рекорд.

За квалитетот на оваа трка најдобро говори фактот дека дури седум од осумте финалисти имаа време под десет секунди. Единствениот над оваа граница беше Асафа Пауел, но атлетичарот од Јамајка поради повреда мораше да забави во самиот финиш и го освои осмото место со прескромно време од 11.99 секунди.

Усеин Болт е вториот атлетичар по Карл Луис што успеа да го одбрани златниот олимписки медал во најбрзата атлетска дисциплина. Зад Болт се најде неговиот најдобар пријател Јохан Блејк, со време од 9,75 секунди, додека со бронзен медал од оваа незаборавна трка се закити Џастин Гетлин со 9,79 секунди, само една стотинка побрзо од Тајсон Геј.

{youtube}jjBsiGCga74{/youtube}

Најавите дека токму во Лондон ќе постави нов светски рекорд од околу 9,40 секунди не се остварија, но Болт ја оствари примарната цел – докажа дека е најбрз човек на денешницата.

- Реклама -