Еден за сите, сите за Лео. А Мориконе бе?

ennio-morricone[1]

По над 500 филмски музички остварувања, легендарниот италијански композитор Енио Мориконе конечно доби Оскар, за музичкиот скор во The Hateful Eight на Тарантино, во кој практично користи неискористени делови од еден од најпознатите негови музички скорови, оној за научната фантастика The Thing („Нештото“), на Џон Карпентер, од 1982 година. Пред Оскарот го доби и Златниот глобус и БАФТА наградата, за истиот музички скор.

Туку, човекот има 87 години и ова му е прв Оскар. Како што рековме, има над 500 музички остварувања, од кои барем 100 класики. Значи 100 класики! Тоа го прави еден од највлијателните композитори што работел во било кој медиум. Почнал некаде по 1950-тите, откако претходно свирел труба во џез бендови. Ама ај, еве да броиме од моментот кога станал планетарно познат, а тоа е периодот од 1960 до 1975. Пак, испаѓа дека Мориконе не го добива и тоа како заслужениот Оскар најмалку 40 години, и покрај фактот што, пази, во 1966 го создава веројатно најмонументалниот саундтрак во историјата:

Значи, Енио Мориконе е првото зборче што се учи додека проодуваш во филмската музика, и има правено музика за преку 70 наградувани филмови. А сепак, до овој Оскар имаше само 5 номинации: за Days of Heaven (1978), за The Mission (1986), за The Untouchables (1987), за Bugsy (1991) и за Malena (2000). За волја на вистината, доби „почесен Оскар“ т.е. почесна награда за животно дело во 2007-мата, за неговиот огромен придонес во филмската уметност; ама без Оскар? Тоа звучи како Мориконе да е некој што многу, многу работел, ама не го бивало баш до толку за да добие права награда (не дека ги нема купишта, настрана од Оскарот).

Ако нешто е за утеха, тоа е дека сега, кога конечно му беше доделено признанието, тоа беше токму за жанрот со кој се прослави – вестернот, особено оној на Серџо Леоне и неговите монументални „За грст долари“ (1964), „За грст долари повеќе“ (1965), „Добриот, лошиот и грдиот“ (1966) и „Беше еднаш на Дивиот Запад“ (1968) . Како и да е, еден ден следните генерации ќе не зборат по интернет, за тоа како го игнориравме Мориконе (од аспект на Оскари), а се потресувавме за Лео.

Победничкиот:

Саундтракот од The Thing:

И нешто по наш избор:

- Реклама -