Црнците Александар Дима и Александар Сергеевич Пушкин

gdzurx9cro1g1dljr63i[1]

Ако Александар Дима беше жив денес, веројатно ќе го сметавме за црнец. На фотографиите јасно се гледа дека има светло-кафена кожа и грмушеста, виткана коса. Француското општество од 19-от век би го класифицирало големиот новелист како „quadroon“ т.е. човек што е една-четвртина Африканец и три-четвртини Европеец.

pushkindumas
Скица на младиот Александар Дима.

Александар Пушкин, најголемиот руски поет, бил правнук на човек од Африка кој бил прифатен на дворот на Петар Велики. Царот бил многу благонаклонет кон својот згоден и интелигентен „негро“,  па му избрал и жена од редовите на руската аристократија. Бидејќи смртта на Пушкин се случи две години пред популаризацијата на фотографијата, денес, за да имаме увид во неговиот надворешен изглед, мораме да се потпираме на слики од неговото време. Генерално, Пушкин е претставен како белец со виткани темни локни. Нејасно е дали навистина изгледал како белец или европските сликари одбивале/се двоумеле да го претстават како мелез. Сеедно, Пушкин би бил класифициран како „octoroon“ – Европеец со една-осмина африканско потекло.

Портрет на Пушкин од Константин Сомов.
Портрет на Пушкин од Константин Сомов.

И едниот и другиот биле жртви на дискриминација, ама се чини дека Пушкин потешко се справувал со истата. Тој за себе сметал дека има „грди црти“, веројатно како последица на навредите што ги трпел заради различното потекло. Иако е познат како поет, неговата прва и недовршена новела „Омилениот негро на Петар Велики“ е базирана на животот на неговиот прадедо, Абрам Петрович Ганибал. Во неа лесно се воочуваат Пушкиновите искуства и комплекси:

„Луѓето генерално гледаа на младиот Мур како чудак, и, обиколувајќи го, го преплавуваа со комплименти и прашања; оваа љубопитност, иако затскриена зад завеса од грациозност, ја навредуваа неговата суета. Прекрасното внимание на жените, иако единствена цел на машката усилба, не само што не му претставуваше задоволство, туку дури и го полнеше неговото срце со огорченост и презир. Се чувствуваше како за нив да е некаков редок ѕвер, исклучителен и чуден створ, случајно преместен во нивниот свет, и кој не поседува ништо заедничко со нив. Дури и им завидуваше на оние кои поминуваа незабележани и ги сметаше за среќни во нивната безначајност“.

Пушкиновите несигурности ќе го одведат (или барем доближат) до неговата смрт. Откако тој и неговата сопруга ќе го запознаат згодниот и полетен француски благородник Жорж Дантес, низ Петерсбург почнуваат да кружат гласини дека сопругата на поетот била заведена од Дантес. Меѓу благородниците циркулира и писмо во кое Пушкин е прикажан како дел од „Светиот ред на изневерените мажи“ – писмо заради кое, се разбира, Пушкин се чувствувал многу засрамен. Отворениот напад на неговата машкост и неговата чест го довеле поетот да го предизвика Дантес – одликуван војник – на двобој. Пушкин немал ни најмала шанса да победи, па на денот на двобојот, на 8-ми февруари 1937-та, бил застрелан во стомакот, по што два дена подоцна починал.

Атрактивната ќерка на Пушкин, грофицата Наталија Пушкина - „1/16 црнка“
Атрактивната ќерка на Пушкин, грофицата Наталија Пушкина – „1/16 црнка“

Александар Дима таткото, Томас-Александар Дима, бил роден на Хаити во 1762-та, како син на француски благородник и неговата африканска робинка, со која имал три деца. Таткото на Томас ги третирал своите деца како што треба да се третираат своите деца, без да ги смета за „нелегитимни“. Кога Томас имал 14 години, тој бил донесен во Франција, каде што станал слободен човек. Во Париз живеел луксузен живот, бил добро едуциран и се пријавил да служи војска во време кога луѓето со африканско потекло биле третирани како „подолна раса“ речиси на целиот континент. Имал успешна воена кариера, служејќи како генерал во француската армија во револуционерниот период. Починал во 1806-тата, на возраст од 43 години, кога Александар Дима (синот) бил само 2 години стар. Веројатно би бил мошне изненаден ако дознаел дека еден ден, неговиот син ќе стане еден од најголемите писатели во француската историја.

bhz8se90zxfitudepxte[1]
Томас Александар Дима, слика од Olivier Pichat

Дима исто така напиша новела во која зборува за расата. Во неа зборува за маките на синот на богат мулат кој поседува плантажа и патува низ Европа за да се едуцира, и кој ќе успее да се инфилтрира во париското општество. Како и во Пушкиновата новела, и овде има многу паралели со животот на црниот предок на Дима, тема што ќе му послужи како основа за да ги искаже своите ставови кон расната нетолеранција во европското општество.

Дима бил многу читан додека бил жив, и достигнал статус на славна личност во Франција. Сепак, и покрај неговата воспоставеност како литературен просветител, и тој имал многу средби со расизмот. Некои од оние што упатиле невкусни критики на негова сметка, имаат и добро настрадано во неговите подбивни и јавни одговори; еден таков пример:

„Мојот татко беше мулат, мојот дедо беше негро, а мојот пра-дедо беше мајмун. Гледаш, господине? Мојата семејна лоза започнува каде што твојата завршува“.

Кога умрел во 1870-тата, Дима бил погребан во неговото родно место Villers-Cotterêts, наместо во Националниот Пантеон во Париз, каде што се погребани останатите литературни гиганти на Франција. И ова е веројатно последица на расизмот од тоа време. Дури во 2002-та, неговите останки се преместени во Пантеонот, каде што сега Дима почива заедно со Волтер, Виктор Иго и Емил Зола.

- Реклама -