Ќе нé изненади ли снегот?

sneg

Секоја зима, некаде ова време, непријатно сме изненадени од една многу бизарна природна појава… снегот. Нашиот сакан хотел Промаја, попознат како Македонија, со рецепција каде не се гледа рецепционерот заради чадот од цигари и никој ништо не ве слуша зашто персоналот си пичи турбо-фолк на слушалки, така неспремен и затекнат, мора панично да се справува со студот, со прекините на струјата, со прокиснувањето на кровот… Не дека хотелот си нема специјален песонал за тоа, ама што се тие криви кога никој не им дал директна наредба?

На крај-краева, снегот е нешто што никој не го разбира и никој не знае кога да го очекува. Синоптичарите па кутрите – цел народ чека на нив да погодат кога ќе заврне, а и едните и другите знаеме дека снегот сака перверзни игри и преферира да паѓа од ведро небо… Мислам, шо дека е зима? Па зимата трае 3 месеци! Зар цело време да и дежураме? Не. Ние сме стар, исконски народ. Си имаме помудри тактики.

Така на пример, ние не чекаме некој да ни каже дека ќе било вака или така. Такво ни е поднебјето, тука мора да си спремен од прв ден. Затоа проверуваш временска прогноза од повеќе извори, погледнуваш барем два пати низ прозорецот секој ден пред да излезеш. Си носиш капа, шал, ракавици, чизми, скии, моторни санки (кој ги има), синџири… за секој случај, независно од температурите надвор. Нашето мото е: за тоа што те чека утре, биди подготвен уште денес. Дури и некој да ви гарантира дека нема да има снег за Божиќ, не му верувајте. Тој можеби е сигурен во своите предвидувања, но како што се покажа минатите години, снегот баш тоа чека, да се опуштиме и пак да нé изненади.

Најубаво бидете си спремни, зашто градот нема да е. Тој е зафатен со поважни работи отколку некакви си зимски хирови, а и машините за чистење на снегот обично ги мрзи да се размрдаат, па им треба некое време пред да реагираат. Биди си спремен како што е баба ти – со сите тегли зимница, компоти и слатко, зошто во ова наше за едните – „срце на Балканот“, а за другите „шупак на светот“, уште 100 години да паѓа снегот во ист ден и исто време, ние ќе си бидеме изненадени и неспремни.

- Реклама -