Прв зимски поетски фестивал во Скопје

Мохамед Бенис од Мароко, Александар Шурбанов од Бугарија, Душко Новаковиќ од Србија и Виолета Танчева-Златева од Македонија се четворицата поети, кои ќе бидат во фокусот на првиот Зимски поетски фестивал, што од 8 до 11 декември ќе се одржи во Скопје во организација на Националната установа „Струшките вечери на поезијата“.

Идејата да се востанови нов Зимски поетски фестивал, директорот на СВП Мите Стефоски во интервју за МИА информира дека произлегла од потребата за промени, кои се случуваа не само на летниот фестивал, туку и во функционирање на институцијата.

Во насока на унапредување на целокупната дејност на установата и настојувањата за развој на севкупните програмски активности преку целата година, тој посочи дека постојано се во потрага по нови форми преку кои би допреле до што пошироката публика, со цел одржувањето на високото реноме преку понуда на квалитетни културни настани.

– Зимскиот поетски фестивал е дел од тие промени, неопходно е проширување на функционирањето на институцијата што има за цел за време на зимскиот период да овозможи интензивна активност на Струшките вечери на поезијата насекаде низ земјава. Во таа насока, покрај настаните поврзани со одржувањето на фестивалот во август, Зимски поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата е втор таков поголем настан кој има за цел во друго доба од годината и во друг простор да понуди квалитетна програма. Зимскиот поетски фестивал според предвидениот концепт се одржува во период кога не само во Струга, туку и во Република Македонија нема поголеми книжевни настани, односно во декември, вели Стефоски.

Тој појасни дека целна публика ќе биде академската средина, токму затоа и ќе се одржува во Скопје на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде учесниците пред квалификувана публика ќе го претстават своето творештво.

Директорот Стефоски најави проширување на фестивалот во наредните години и на универзитетите во Штип, Битола, Охрид и други градови во земјава.

– Струшките вечери на поезијата како најголема манифестација од ваков вид во земјата и светот нужно мора да се грижи во промоцијата и афирмацијата на светското и на македонското книжевно творештво на целата територија на Република Македонија, но и во светски рамки, и организирањето на еден ваков настан значително би имал многукратен ефект во таа насока, нагласи Стефоски.

Според концептот, програмата ќе се одвива во четири фестивалски дена, со фокус на тројца странски поети и актуелниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Предвидено е низ предавање поетите, учесници да направат еден автопоетички осврт, да ги изложат своите погледи за творештвото, за судбината на поезијата и други теми кои го допираат нивниот поетички светоглед.

– Тоа ќе го илустрираат преку нивното творештво, со тоа што ќе ги прочитаат и разгледуваат своите песни. Скоро сите значајни поети во светот на некој начин се поврзани со академската публика, најчесто како професори на престижни светски универзитети. Сето ова е добар предуслов за добар настан, нешто што ќе ја заинтригира и пошироката академска јавност, но и заинтересираната публика. Вториот дел од предавањето ќе биде едно мало поетско читање од страна на поетот, кој ќе има можност да го претстави творештвото пред таков вид публика, а да биде и препорака, вовед во вечерното преставување, појасни Стефоски.

Централниот фестивалски настан, истакна, ќе биде во вечерниот термин во 20 часот, каде низ книжевни разговори со информиран модератор ќе биде претставено творештвото на поетот-гостин.

Годинашните учесници, според Стефоски, се врвни поетски творци, наградувани со престижни награди, актуелни и атрактивни заради нивната поетика.

Мохамед Бенис е арапски поет, кој долги години предавал на Факултетот за уметности на Универзитетот „Мохамед V“ во Рабат, Мароко. На негова иницијатива во 1999 година УНЕСКО го прогласи 21 март за Светски ден на поезијата.

Бугарскиот поет и писател, Шурбанов е професор по англиска литература на Универзитетот во Софија, но предавал и на универзитетите во Лондон, Лос Анџелес, на Државниот Универзитет Њујорк во Албани и други, а почесен доктор е на Универзитетите во Кент и Сури, во Британија.

Новаковиќ е еден од најзначајните преведувачи од македонски на српски јазик, а неговата поезија е преведена на повеќе од дваесет јазици.

Танчева-Златева е актуелен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на фестивалот.

- Реклама -