Затоа ве боли кичма: Стандардната кујна е димензионирана според „замислена“ жена

gallery-1444836029-1950s-appliances-index[1]

Постоело време во американската историја (и воопшто, светската) кога кујните беа дизајнирани исклучиво за жената која би ја користела – мијалниците и работните површини биле со димензии во ергономски склад со нивниот корисник, со приоритет за лесна употреба и минимално оптоварување на телото. Од друга страна, постоеле луѓе кои целата кариера ја имале посветено на тоа да ги направат домовите подобри за живеење. На пример, во книгата „The New Housekeeping Efficiency Studies in Home Management“, објавена во 1913-тата, Кристин Фредерик создава табела со идеалните висини на работните површини за жени со различна висина. Така, за жена од 170см, дното на мијалникот треба да е на висина од 31 инч (безмалку 79 см) од земјата.

Но, како што побарувачката се зголемувала, потребата од зголемување на брзината на производство станала неопходна, а со тоа и стандардизација на димензиите во кујната. Во Quartz, Рејчел Арндт опишува како таа промена резултирала на штета на жените што ги користат кујните:

„Додека е доволно лесно да направите приспособливи столици и велосипеди, многу потешко е да изградите цела приспособлива соба полна со дрвени елементи и гранитни површини, сместени меѓу скапи фабрички произведени апарати“.

Мијалникот бил првиот кујнски елемент што доживеал стандардизација. Станал дел од кујнскиот елемент што го знаеме денес, без дополнително место за некој кујнски апарат, што пак совршено се совпаѓало со минималистичките линии на модернизмот. Сите други кујнски елементи и апарати биле „подигнати“ за да се совпаднат со висината на мијалникот: шпоретите, кујнските работни површини – сите на висина од 36 инчи (91.44 см) од земјата. Тоа е превисоко за просечната жена од 161 см од тоа време, а дури и за просечната жена на денешницата висока 164.5 см.

Се смета дека можната причина што довела до изборот на токму таа висина е затоа што една од инженерите која учествувала во дизајнирањето – Лилијан Гилбрет, имала на ум жена висока 173 сантиметри. Кујните што таа ги дизајнирала биле димензионирани врз основа на студии на движењата на жените додека работат.

Денес, кујните уште се движат околу овој стандард од 36 инчи, што ги прави идеални за оние ретките и повисоки жени, а незгодни за сите останати.

- Реклама -