2015-та, Костарика ја помина на 99% обновлива енергија

part-mvd-mvd6726308-1-1-0-970x0[1]

И додека и во 2015-та, наместо конкретни чекори, се водеа дебати дали глобалното затоплување е резултат на природен или човечки фактор (во американскиот Сенат се расправаше и дали воопшто постои, како и порано), Костарика му одржа лекција на остатокот од светот – цела година се напојуваше со дури 99% обновлива енергија!

Главно искористувајќи го огромниот речен потенцијал и големите годишни количини на дождови, костариканскиот Институт за енергетика (ICE) и официјално објави дека од ланската 2015-та, дури 285 дена земјата поминала без употреба на фосилни горива; уште повеќе што, според ICE, 2015-та беше релативно сушна година за Костарика. Со тоа земјата се најде во фокусот на светското внимание и постави успешен пример за следење за останатите земји ширум планетата.

И покрај сета позитивност на таквото постигнување, задоволството таму не е којзнае колку големо. Наместо тоа, костариканската влада останува целосно фокусирана на тоа Костарика да стане комплетно независна од јаглерод, и тоа до 2021-та. Покрај тоа да се достигнат официјални 100% обновлива енергија, земјата планира и да ја „исчисти“ енергетската потрошувачка во целост, особено преку елиминирање на зависноста од фосилно гориво во транспортниот сектор. Земјата исто така ќе се одалечува и од зависноста од хидроенергија, преку зголемување на бројот на геотермални централи и наоѓање енергија од други извори.

Костариканците извлекоа голема корист од пренасочувањето кон обновливи извори – цената на електричната енергија се намали за 12 проценти во 2015-тата, а од ICE очекуваат дека ќе продолжи да паѓа и во иднина. Тоа им овозможи на граѓаните да заштедат мал дел од парите, пари кои инаку би оделе за плаќање на сметките за струја.

Патем, Костарика има популација од 4.8 милиони луѓе. Можеби нејзиниот модел би бил тешко применлив за големите градови од рангот на Њујорк, кој има скоро дупло жители – 8.5 милиони, но за оние помалите земји (погодете на која мислам) Костарика е солиден доказ дека сé се може, ако се сака.

- Реклама -