Американски философ, политички активист, лингвист и професор на MIT – Ноам Чомски е веројатно најпознат по неговата листа од десет најчести и најефикасни стратегии со кои медиумите ги манипулираат масите. Искуството е доказ дека медиумската пропаганда има моќ да создава или да уништува општествени движења, да оправда неоправдани војни, да промовира одредени идеолошки струи, а со тоа и да ја обликува стварноста. Промовирање на глупоста, наметнување на чувство на вина или конструирање на вештачки проблеми и потоа нивно магично решавање, се само дел од средствата на психосоцијалната алатка наречена медиум.
1. ПРЕНАСОЧУВАЊЕ НА ВНИМАНИЕТО
Клучниот елемент на општествената контрола е стратегијата на дистракција или оттргнување на вниманието на јавноста од важните прашања и промени за кои одлучува политичката и економската елита, преку константно пласирање на безначајни информации. Дистракцијата е особено важна и во спречување на јавниот интерес за основните сознанија од науката, економијата, психологијата, невробиологијата и кибернетиката.
„Држете го вниманието на јавноста далеку од вистинските општествени проблеми, окупирајте им ги мислите со прашања без важност. Чувајте ги луѓето зафатени, зафатени, зафатени, така што да немаат време за размислување и вратете ги назад на фармата меѓу другите животни“ – извадок од „Тивки оружја за тивка војна“ на Коди Гудфелоу.
2. КРЕИРАЊЕ ПРОБЛЕМ ПА НУДЕЊЕ НА РЕШЕНИЕ
Методот се нарекува и „проблем-реакција-решение“. Се состои од создавање на ситуација која ќе предизвика реакција во јавноста, по што се нудат решенија против кои, во нормални услови, јавноста би се противела.
На пример: Оставате да се развие и зголеми урбаното насилство или заговарате крвави напади, со цел јавноста сама да побара некои нови сигурносни закони и правила, иако на штета на сопствената слобода. Или: создавате економска криза, па ја прифаќате рецесијата како нужно зло и на крајот ги смалувате социјалните права и ги редуцирате јавните служби.
3. СТРАТЕГИЈА НА ПОСТЕПЕНИ ПРОМЕНИ
Целта е да се натера јавноста да го прифати неприфатливото, т.е. применувате постепено прифаќање на промените, дури и ако се потребни една или повеќе години. На овој начин се воведени нови радикални општествено-економски услови (неолиберализам) во текот на 1980-тите и 1990-тите: приватизација, несигурност, флексибилност, масовна невработеност – промени кои би предизвикале револуција кога би се вовеле одеднаш.
4. СТРАТЕГИЈА НА ОДЛАГАЊЕ
Уште еден начин за наметнување на непопуларни одлуки е нивното претставување како „болни и нужни“, со што се добива јавната согласност за идни промени. Полесно е да прифатите идно жртвување отколку моментално жртвување. Прво, напорот нема веднаш да се случи. Второ, јавноста има склоност да очекува дека „утре сé ќе се поправи“, т.е. се надева дека нивното жртвување веројатно ќе биде избегнато. Тоа им дава на луѓето повеќе време да се навикнат на идејата за промени и на крајот да ја прифатат со резигнација.
5. УПОТРЕБА НА ДЕТСКИ ЈАЗИК т.н. „BABY TALK“
Во најголем дел од рекламите насочени кон јавноста се користи говор, аргументи, ликови и особено истакната детска интонација, како да се обраќаат на мали деца или ментално недоразвиени личности. Што повеќе треба да се заблуди гледачот, толку поинфантилен е тонот. Зошто?
„Ако се обратите на личност како да е на возраст од 12 или помалку години, многу веројатно е дека одговорот или реакцијата на таа личност, заради сугестија, ќе биде лишена од критички став, исто како и кај децата помлади од 12 години“ – извадок од „Тивки оружја за тивка војна“.
6. ЗЛОУПОТРЕБА НА ЕМОЦИИТЕ
Класична техника која се користи со цел да се предизвика „краток спој“ во процесот на разумно расудување. Употребата на емотивниот регистер овозможува пристап до несвесното и можност за имплементација или прифаќање на идеја, желба, грижа, страв или принуда, па дури и индуцирање на одредени однесувања.
7. ДРЖЕЊЕ НА ЈАВНОСТА ВО НЕЗНАЕЊЕ И ПРОСЕЧНОСТ
Целта е јавноста да се направи неспособна да ја разбере технологијата и методите кои се користат за нејзина контрола и поробување.
„Квалитетот на образованието во ниските општествени слоеви треба да биде што помал или потпросечен, а разликата меѓу образованието на повисоките и пониските слоеви да остане непремостлива“ – извадок од „Тивки оружја за тивка војна“.
8. ОХРАБРУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА ДА БИДЕ ЗАДОВОЛНА СО СВОЈАТА ПРОСЕЧНОСТ
Промовирање на ставот дека е модерно и пожелно да се биде глуп, вулгарен и необразован.
9. СОЗДАВАЊЕ НА ЧУВСТВО НА ВИНА
Да се натера поединецот да верува дека тој е единствениот виновник за неговата сопствена несреќа, заради неуспех на сопствената интелигенција, заради неспособност или недоволно труд. Така, наместо побуна против економскиот систем, поединецот не делува бидејќи сам себе се обвинува за неуспехот, што пак води кон депресивна состојба што гарантира спречување на акцијата. А без акција, нема револуција.
10. ЗАПОЗНАЈ ГО ПОЕДИНЕЦОТ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ШТО ТОЈ СЕ ПОЗНАВА САМИОТ СЕБЕ
Брзиот развој на науката во последните 50 години создава сé поголем јаз помеѓу знаењето што го поседува просечниот човек и знаењата што ги поседуваат и користат владејачките елити.
Благодарение на биологијата, невробиологијата и практичната психологија, „системот“ има пристап до напредни познавања за човекот, и на физички и на психички план. Системот е во позиција подобро да го разбере обичниот човек отколку што тој може да се запознае самиот себе. Тоа значи дека, во поголем дел од случаите, системот има поголема контрола и поголема моќ врз поединецот отколку што поединецот може да претпостави.