47,7% од граѓаните не очекуваат Северна Македонија да го добие датумот за почеток на преговори со Европската унија, најавуван за во октомври, покажува анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) за потребите на „Детектор“, направена во периодот од 14 до 17 септември. 34,8% биле оптимисти, а 17.5% немале одговор.
Доколку земјава деновиве не добие датум, 24.6% од анкетираните граѓани сметаат дека тоа нема да се случи никогаш. 22.3% од испитаниците, пак, очекуваат почеток на преговорите во следните 5 години, додека 16.9% и 16.7% сметаат дека тоа ќе се случи до крајот на идната година, односно до следната пролет, соодветно. Интересно е што 27.2% од граѓаните очекуваат Македонија да стане членка на Европската унија во следните 5 години. За разлика од нив, 22.7% сметаат дека тоа нема никогаш да се случи, а 15.4% се оптимисти дека до членство ќе дојде следната година. 12.6% сметаат дека земјава ќе влезе во ЕУ во следните 10 години, а 9% во следните 15 години.
Голем дел од граѓаните, 41.4%, сметаат дека критиките од страна на Брисел кон земјава се оправдани. Со нив не се согласуваат 26.7% од анкетираните, а 31.9% немаат одговор.
Одговорноста, доколку земјава не добие датум за почеток на преговорите, според 34.7% од анкетираните ја носи најголемата владејачка партија СДСМ. 19.7% пак, сметаат дека за недобивање на датум најодговорна ќе биде опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 8.2% од анкетираните, пак, причината за недобивање датум ја гледаат во одредени земји членки на ЕУ, а 5% се изјасниле дека недобивањето на датум за преговори би било резултат на други фактори.
СДСМ, меѓутоа, е партијата и што е најзаслужна за приближувањето на земјава кон Европската унија, сметаат 30.9%. Речиси исто толку (30.6%) од анкетираните сметаат дека во македонските евроинтеграции заслуги нема ниту една политичка партија, додека 10.1% сметаат дека најзаслужна ќе биде опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 6.4% сметаат дека тоа е ДУИ, а 3% дека најголема заслуга има Алијанса за Албанците.
Гледано од денешен аспект, 40% од анкетираните сметаат дека Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија биле погрешен чекор. Спротивно мислење од нив имаат 38.4%, а 21.6% немаат одговор.
Анкетата е спроведена на 1109 испитаници, со маргина на грешка од плус-минус 3%.