Богаташот што го одвел синот да види како живеат сиромашните…

Еден богаташ решил да го одведе својот син на патување, за да му покаже како живеат обичните луѓе и да го научи колку е тешка сиромаштијата.

Поминале неколку дена и ноќи на една фарма, кај едно семејство за кое можело да се рече дека е сиромашно.

По завршувањето на престојот, таткото го прашал синот како му се допаѓало патувањето.

„Одлично беше, тато“, рекол синот.

„Виде колку сиромашни можат да се луѓето?“, прашал таткото.

„О да, видов“, одговорил синот.

„Е па, сине, кажи ми што научи на ова патување?“, прашал таткото со веќе задоволен израз на лицето.

Но, на негово изненадување, синот одговорил:
„Научив дека ние имаме само едно куче, а тие имаат четири. Ние имаме базен среде дворот, а тие имаат река на која не и се гледа крајот. Ние имаме куп светилки во дворот, а тие ги имаат ѕвездите на небото. Нашиот двор е ограден и ограничен, а тие го имаат целиот хоризонт. Ние имаме мал дел земја на која живееме, а тие имаат пространство без граници. Ние имаме послуга што не услужува, а тие ги услужуваат другите. Ние купуваме храна за да јадеме, а тие одгледуваат за себе и за другите. Околу нашиот имот има ѕидини за да не чуваат од неволји, а тие имаат пријатели што ги чуваат нив. Да, научив дека ние сме тие што се сиромашни“.

Таткото слушал без да каже збор и со вчудоневиден израз на лицето, а потоа пропаднал во длабока размисла.

- Реклама -