Продава ли сексот?

Во денешно време не можете да прошетате по улица, а да не налетате на билборд со голо тело, поставен со цел да ви продаде производ кој и нема многу заедничко со голотијата на сликата. Причината е – „сексот продава“. Дали?

Вистинитоста на најпознатиот слоган во маркетингот е ставена под знак прашалник откако една нова студија на Државниот универзитет во Охајо покажа дека ефектот на голотијата во тв-рекламите и билбордите и не е така голем како што се претпоставуваше.

Да, луѓето се така скроени да бидат привлечени од атрактивни тела (како оние во рекламите), но психолозите што ја спроведоа студијата истакнуваат дека „таргет-групата“ обрнува толку многу внимание на графичкиот материјал, што всушност заборава што всушност и се рекламира.

Истото важи и за рекламите со насилство – учесниците во студијата на кои им биле прикажувани реклами со насилен материјал, често не се сеќавале на производот кој таквите реклами го промовираат.

Како што вели Проф. Бред Бушман, предводник на истражувањето, „не е најден речиси никаков доказ дека насилството и сексот во рекламите ја зголемуваат маркетингшката ефикасност“.

Но, причината е далеку од тоа луѓето се индиферентни на секс и насилство.

„Не е дека луѓето не се привлечени од секс и насилство. Напротив, луѓето се привлечени од овие две нешта уште од еволуционите времиња, кога забележувањето на насилните сигнали било од клучна помош за нашите предци да не завршат како плен на предатори, како што и воочувањето на сексуалните сигнали им помагало да ги искористат потенцијалните репродуктивни прилики“, објаснува Бушман.

Тимот научници одговорни за студијата сметаат дека ова „откритие“ може дури и да го промени начинот на кој адвертајзингот ги користи своите модели, па дури и дека ќе го преориентира повеќе кон семејно-насочени маркетинг кампањи.

- Реклама -