Луѓето од иднината нема да играат фудбал

Според познатиот руски антрополог – Станислав Дробишевски, „човекот од иднината“ нема да има потреба да се бричи, нема да гледа фудбал, нема да може да игра балет и уште многу други „нема да“…

Тој тврди дека луѓето од иднината ќе имаат темна кожа, стапалата ќе бидат без прсти, на телото нема да имаат влакна, а ќе имаат и помалку заби.

Бојата на кожата ќе потемни како резултат на мешањето на гените на различните раси, а бројот на забите ќе се намали затоа што ќе исчезнат умниците.

Во интервјуто за „Комсомолска правда“, Дробишевски објаснува и зошто нема да постои фудбалот. Тој смета дека фибулата ќе се спои со потколеницата, а со тоа ќе исчезнат предиспозициите кои на човечките претци им биле неопходни за да ја одржат подвижноста на прстите при качувањето на дрва. Со оглед на тоа дека повеќе не ни е потребна толку голема подвижност (од еволуционен аспект), ќе ја изгубиме и мобилноста на прстите. „Значи, во иднина, балетот и фудбалот – отпаѓаат“, пишува во интервјуто.

Што се однесува до мозокот, Дробишевски предупредува дека ако „компјутерската генерација“ продолжи да не го употребува со сиот негов капацитет – мозокот ќе се смали.

Како што наведува антропологот, за евентуалните глобални промени во човековата раса ќе бидат потребни околу 10.000 години, но сé зависи од интензитетот на промените и условите во животната околина – што побрзо се менува опкружувањето, толку побрзо ќе се одвива и еволуцијата.

Во последните неколку векови, човештвото веќе помина низ некои значајни промени: денешниот човек, во просек, е повисок за 15 до 20 сантиметри од луѓето кои живееле во Средниот век. Исто така, има големи промени во почетокот на пубертетот, кој е поместен за пет години – од 17 на 12 години.

- Реклама -