Kindle Fire 2 ќе има камера и подобар дисплеј

Во ноември Kindle Fire на Amazon ќе наполни една година, што значи дека најверојатно може да се очекува наследник.

Извори „запознаени со плановите на Amazon“ велат дека следната генерација на Kindle Fire ќе биде потенка и полесна и ќе има вградена камера. Новитет ќе биде и резолуцијата на дисплејот – 1280×800 пиксели, исто како и iPad 2 и значајно зголемување од сегашниот екран од 1024×600 пиксели. Колку за споредба „ретина“ дисплејот на iPad 3 има резолуција од 2048 x 1536 пиксели.

Екранот на Kindle Fire 2 нема да биде само поостар туку ќе биде и малку покоцкаст. Односот на страните ќе биде 1.60 споредено со 1.71 кај сегашниот Kindle Fire. Експертите ја очекуваат новата направа некаде пред септември.

Минатата недела блогот BGR најави дека Amazon планира да создаде два нови Kindle Fire таблети уште следниот месец: 7 инчниот “Coyote” и 10 инчниот “Hollywood”. Според BGR Којотот ќе има dual-core процесор како и сегашниот Kindle Fire, додека Холивуд најверојатно ќе има помоќен quad-core процесор.

Без разлика дали ќе понуди еден или два таблети Amazon ќе се соочи со сериозна конкуренција пред празниците. Според неколку веродостојни извори, Apple планира да го лансира седум инчниот iPad Mini кој би можел да чини околу 199 долари како и Kindle Fire. Седум инчниот Nexus 7 на Google, кој исто така ќе има цена од 199 долари, доби одличен пречек и позитивни оцени од новинарите.

- Реклама -