Бо Меккејлеб си оди од Сиена

Лестер „Бо“ Мекејлеб во следната натпреварувачка сезона сигурно нема да го носи дресот на Монтепаски Сиена. Денес беа потврдени шпекулациите дека македонскиот репрезентативец ќе биде еден од првите од кои италијанскиот шампион ќе се ослободи.

Претседателот на Монтепаски, Фернандо Минучи, во интервју за „Радио Баскет“ ги потврди гласините дека овој тим ќе го намали буџетот за следната година, што ќе значи разделба од најдобрите кошаркари.

„Меккејлеб и Андерсен сигурно ќе бидат продадени, тие ќе бидат едни од првите што ќе си заминат. Благодарни сме им за сè што сторија за нашиот клуб, но дојде време за намалување на трошоците, поради што сме принудени да се разделиме од своите најдобри кошаркари. Наша цел е да составиме солиден тим, дефинитивно веќе нема да бидеме така доминантни во домашното првенство. Покрај Мекејлеб и Андерсен, ќе си заминат и Лавринович и Каукенас, на кои што ќе им биде даден раскин на договорот“ изјави Минучи, не откривајќи колкава отштета ќе бара за извонредниот македонски репрезентативец.

Италијанските медиуми тврдат дека станува збор за сума од најмалку еден милион евра, па интересно ќе биде да се види кој клуб ќе тргне во офанзива за да го ангажира Меккејлеб во своите редови. Реал Мадрид извесно време се интересира за извонредниот плејмејкер, Фенербахче Улкер исто така подготвува понуда за неговите услуги, но лесно може да се случи и Бо да се врати во татковината и да заигра во НБА-лигата.

- Реклама -