Олимпијадата само сон за Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација пропушти златна шанса да се бори за историски пласман на летните Олимписки игри, откако на квалификацискиот турнир во Венецуела, во натпревар со огромен пресврт загубивме од Доминиканската Република со 86:76.

Олимпијадата за нас остана само сон откако не бевме способни да зачуваме ниту предност од цели 20 поени кои ги имавме во 15. минута. Само 20 минути им беа доволни на Доминиканците да направат предност од 23 поени, уривајќи ни ги  сите желби и амбиции да го видиме Лондон.

Натпреварот го започнавме фуриозно, со серија од 10:0 во првите четири минути, откако најпрво противникот го отвори резултатот. Водени од феноменалниот Лестер Бо Мекејлеб и одличната игра на Предраг Самарџиски под кошевите, во нападот од стартот ја зголемувавме предноста, за првиот период да заврши со наша предност од 23:10.

Овој дел од играта ја одбележа и нашата одлична игра во одбраната, предводена од капитенот Перо Антиќ, над најдобриот кошаркар на Доминиканската република, Ал Хорфорд, кој во првиот период не постигна ниту еден поен. Всушност Хорфорд до 18. минута имаше 0 поени од 9 обиди, а првиот кош го постигна на две минути пред крајот на полувремето.

Тоа се чини беше пресудно во 15. минута од дуелот ние да стигнеме и до извонредни 20 поени предност (37:17) кои Доминиканците сепак успеаја на полувреме да ги доведат до 41:28.

И, кога очекувавме во ист стил да продолжи и вториот дел, третиот период комплетно им припадна на противничките кошаркари, кои нескриено имаа подршка и од судиите на дуелот, добивајќи ги за себе сите малку посомнителни ситуации на паркетот. Успеаја Доминиканците со серија од 10:2 да ја намалат предноста на пет поени, а до крајот на третата четвртина да стигнат и до само два поени негатива (56:54).

На стартот од последниот период, во 32. минута кошаркарите на Доминиканската Република стигнаа вторпат на дуелот, по она почетно водство, до предност од 58:56 најавувајќи го постепено комплетниот пресврт. Дозволивме противникот да ни наметне своја игра со бркотница по теренот, за на две минути пред крајот да стигне до предност и од седум поени која рутински ја одржа до крајот, за конечни 86:76.

Ние, успеавме да ја запреме НБА ѕвездата од редовите на Доминиканската Република, Ал Хорфорд, кој постигна 14 поени, но немавме одговор за втората ѕвезда, Гарсија, кој стигна 30 поени и Мартинез кој доминираше во голем дел под кошевите.

Не ни помогна ниту одличната игра на Лестер Бо Мекејлеб кој стигна до бројката од 35 поени, ниту Илиевски кој запиша 16 поени. Поради брзите лични грешки, капитенот Антиќ одигра само 13 минути на паркетот, притоа постигнувајќи еден поен, и тоа во самиот финиш.

- Реклама -