Џејсон Кид заминува во Њујорк, Стив Неш оди во Лејкерс

Фановите на Далас Mаверикс имаат причина за загриженост бидејќи тимот што во 2011 година се закити со шампионскиот трофеј полека, но сигурно се распаѓа.

Минатата година, тимот на Далас Маверикс го напушти Тајсон Чендлер, а пред само неколку дена Џејсон Тери потпиша за Бостон. Последните информации говорат дека „Телињата“ ќе останат и без својот стартен плејмејкер, Џејсон Кид.

Имено, челниците на Далас беа убедени дека ќе потпишат нов тригодишен договор вреден 9 милиони долари со ветеранот, но тој во последен момент го смени својот став и реши кариерата да ја продолжи во дресот на Њујорк Никс.

„Свесен сум за амбициите на Њујорк Никс и верувам дека можам да помогнам во развивањето на овој проект. Станува збор за тим со одлични кошаркари, коишто сигурно ќе ми ја олеснат работата при организацијата на играта“ кратко изјави Кид, не откривајќи колкава е понудата на Њујорк, што го натерала да си замине од Далас.

Овој извонреден плејмејкер е идеално засилување за плејмејкерската позиција во Њујорк, откако Никс во последен момент извисија во преговорите за Стив Неш, кој својата кариера ќе ја продолжи во ЛА Лејкерс, каде што најверојатно ќе му се придружи и Двајт Хауард од Орландо.

- Реклама -