Ви се заглави заразна песна во главата? Џвакајте мастика!

Такви песни нé демнат на секој чекор. Доволно е да ги слушнете некаде во позадина, дури и потсвесно, па цел ден да ви одекнуваат во главата. А за беља, обично се работи за песни што во најмала рака не ни се ни допаѓаат. Па, постои ли лек за ваквата напаст?

Научниците од универзитетот во Рединг, сметаат дека го имаат најдено. Според нивната студија, луѓето што џвакаат мастика многу помалку мислат на заразни песни и многу пократко страдаат од феноменот на постојано одѕвонување откако песната ќе заврши.

Инаку, студијата покажува дека барем 90% од луѓето се подложни на „earworms“ („ушни црви“), како што ги нарекуваат заразните мелодии што не ви се ни допаѓаат, а дури 15% го сметаат за вознемирувачко тоа што мислите им се окупирани од такви песни.

На субјектите во студијата им биле пуштани „Play Hard“ на Дејвид Гета и „Payphone“ од Марун5. Испитаниците морале да притиснат тастер секогаш кога мислеле на песните. Се покажало дека оние што џвакале гума за џвакање многу поретко го притискале тастерот.

Се чувствувате храбри? Сигурно имате своја листа од барем 3 „кошмарни“ песни, па ви преостанува да земете мастика и да тестирате. Со среќа.

- Реклама -