Науката заклучи: И бубашвабите имаат личност

Ако нешто знаеме за бубашвабите, тоа е дека е речиси невозможно да ги убиеш копи*****а. Сега научниците открија и дека меѓу нив има и такви со свој карактер и кои самостојно носат одлуки.

По бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки, извештаите покажаа дека само еден вид живи суштества ги преживеал нуклеарните експлозии. Погодувате кој? Да биде уште појасно, бубашвабите се непроменети цели 300 милиони години. Едноставно, толку се отпорни што немаат потреба.

Научниците на универзитетот Libre de Bruxelles, во Брисел, направија експеримент во кој се покажа дека и бубашвабите се „личности“. Истражувачкиот тим насочил силно светло кон кружна арена во која имало две скривалишта, со цел да видат дали бубашвабите – кои имаат аверзија кон светлина, веднаш ќе реагираат и ќе побегнат криејќи се во сенка. Останале запрепастени кога увиделе дека не сите бубашваби се сокриле.

Наместо тоа, дел од инсектите дозволиле да измине непредвидлива должина на време, пред да „донесат одлука“ за тоа како да реагираат. Со други зборови, некои од бубашвабите се упатиле кон засолништето веднаш штом биле внесени во арената, додека останатите поминале некое време на „истражување“ на околината. Ваквото однесување го доведе тимот да заклучи дека тие поседуваат „карактерни особини“.

На пример, „храбрите“ бубашваби побрзо решаваат да се упатат кон непознатото (ново скривалиште), додека „посрамежливите“ чекаат да видат што ќе направат нивните похрабри пријатели, пред и самите да решат што ќе направат.

Она што е многу значајно е што сепак, на крајот, секоја од бубашвабите завршила заедно со другите во скривалиштето. Тоа говори дека како група, тие се способни да постигнат консензус, додека временскиот интервал покажува дека постои одредена индивидуалност кај секоја од нив. Тоа ги прави различни од другите инсекти, како мравките и термитите, кои реагираат чисто според хиерархијата во групата.

Способноста на бубашвабите да одлучуваат засебно, но и покрај тоа да постигнат консензус, не е случајна. Се чини дека токму таа особина им дава еволутивна предност. Во случај на катастрофа, ако бубашвабите во групата реагираат разновидно, ќе имаат поголема шанса да преживеат.

- Реклама -