„Внимавај огнот да не изгасне“

Како фанови на  нашиот писател Венко Андоновски, денеска споделуваме една од неговите најубави колумни, објавени во „Нова Македонија“. Оваа негова приказна се вика „Бајка за возрасни“ и е инспирирана од раскинувањето на двајца негови пријатели.

„Си било еднаш едно момче. И си било едно магично, единствено на светот оганче што горело во неговото огниште. Оганчето било запалено од магичен кибрит: во фосфорот на тој кибрит се наоѓала заспана љубовта на августовскиот гром и земјата. Родителите секој ден излегувале на работа и детето останувало само со оганчето. Му велеле: ’Внимавај оганчето да не изгасне. Имаме само уште едно магично чкорче. Ако изгасне, ќе мораме цел живот да палиме обичен оган’.
Момчето се грижело за единственото оганче на светот. Постојано му дотурало дрва. Гледало во него и се вљубило. Во неговите сини, виолетови, жолти и црвени праменчиња, во сите бои на виножитото. Набргу детето не можело да ги одвои очите од оганчето. Тоа му било сè.
И оганчето се вљубило во детето. Љубовта била заемна. Оганчето го топлело момчето со блага топлина каква што не давало на никој друг.

Еден ден, оганчето му рекло на детето: ’Пушти ме малку да излезам од огништево. Како во кафез сум. Кај се видело оган да се држи затворен? Земи ме, одведи ме кај соседите, да се подружам со нивното оганче и ќе се вратам’. Но детето не сакало ни да чуе. ’Ти си само мое оганче’, рекло. ’Но јас ќе се вратам, јас сум само твое, но имам потреба од други оганчиња’. ’Не’, рекло момчето. ’Ако те пуштам, немам никаква гаранција дека ќе ми се вратиш’.
Од тој ден момчето будно внимавало на оганчето. Штом оганчето ќе го подадело пламеното главче надвор од огништето, детето го полевало со вода, за да му ја одземе силата. И така го држело своето оганче постојано во своето огниште. Но момчето забележало дека оганчето полека бледнее: колку и да му ставало најубави дрва, оганчето како да станувало сè побледо и побледо.

Еден ден момчето толку било изморено од постојаното бдеење над оганчето, што цврсто заспало. Оганчето излегло од огништето, полазело кон вратата и излегло во дворот. Набргу момчето го разбудиле силни викања во дворот: ’Пожар! Пожар!’. И иако оганчето, од љубов кон момчето, не запалило ништо зад своите чекори, иако не запалило ништо ни во дворот, дотрчале соседите и со кофа вода засекогаш го изгаснале најубавото оганче на светот.

Безутешно, момчето плачело. Ја пребарало целата куќа, за да го најде последното преостанато чкорче и уште еднаш да го запали љубеното оганче, со сите негови бои. Но не можело никаде да го најде магичното чкорче. Тоа момче денес е монах во мир, старец сам крај огниште во манастир. На триножно столче гледа тој во згасната жар. Илјадници огнови виде, но никогаш не го најде оганчето свое – божји дар“.
Приказната ми се виде сурова, па на парот пред разделба, на следната страница им залепив со лепило едно чкорче од кибрит, и допишав: „Кога луѓето пожар гаснат, сите огнени нешта треба да се спасат. И затоа, јас писател беден, бев таму и чкорчето магично и последно го зедов. Ви го давам, мили мои. Чувајте го како око кај едноок. Чувајте го и запалете си го повторно своето волшебно оганче. И не дозволувајте никогаш повторно да ви изгасне. Пуштете го оганчето, за да се врати: никој не задржал љубов и пламен на синџир. Љубовта што по секоја цена бара да биде возвратена не е љубов, туку самољубие. Внимавајте што правите! Ова навистина е последното чкорче за вашето магично оганче. Имате само една шанса. Доволно е за едно срце, оти во љубовта 1+1 = 1“.

- Реклама -