Сите македонски песни на едно место

„Желбата, како и потребата за следење на музичката продукција, на автори и изданија од Македонија преку идејата за неформален музички регистар што ќе содржи соодветни информации, ја реализирам во сервис достапен на интернет преку кој може да се пребаруваат податоци за македонските музички изданија со деталите за композиторите, изведувачите и сите сегменти и чинители на музичката целина”, вели Васил Буралиев, кој заедно со тим од соработници се погрижи на едно место да стави огромен дел од дискографијата на македонските музичари.

На сајтот ВБУ Музички регистар, покрај деталите за еден музички албум, секој издавач, музички состав/бенд/група и учесник во реализација на албум имаат сопствени портфолио страници на кои може да се видат соодветните детали за секој од нив.

Концептот на кој функционира „музички регистар” е многу едноставен и познат – создавање на неформална музичка збирштина на делата од домашната музичка продукција.

Убавото кај овој сајт е што комуникацијата е двонасочна – корисниците се важен дел од оформувањето на мислење и оценка за одреден албум.

rejting
Вака изгледа просторот за оценка на албумот

„Лично сметам дека во Македонија постојат музички бендови, автори и изведувачи што не добиваат соодветен публицитет и недоволно внимание“, вели г. Буралиев, објаснувајќи дека ВБУ музички регистар им овозможува на сите корисници да откријат македонски групи и музичари за кои не сме слушнале или не знаеме дека постојат.

Во моментов г. Буралиев размислува околу можните начини за монетаризација на сервисот. Покрај размислувањето за воведување на можност за купување на македонска музика или можеби можност за музичката индустрија да ја преземе базата на податоци, се размислува и на дигитален џубокс, што, морам да признаам, дека барем мене ми изгледа на најинтересно решение. Станува збор за сервис кој ќе овозможи стрим на музика директно до локалите, а предвидено и корисниците да можат да учествуваат во креирањето на плејлистите во локалите.

„Локалите кои имаат интернет, ќе можат да се претплатат на сервисот. Покрај можноста сами да креираат плејлиста, предвидена е можност секој посетител да може да плати симболична сума и да си пушти песна, нешто како џубокс. Благодарение на ова, секој локал и корисник на сервисот ќе знае точно на која група или изведувач му ги исплаќа парите“.

- Реклама -