Зошто велиме „Му паднала секирата во мед“?

Кога на некој ќе му се посреќи, обично велиме дека му паднала секирата во медот. Сепак, кое е потеклото и значењето на оваа изрека?

За разлика од денешните одгледувачи на пчели, пчеларите од минатото не знаеле за кошници и питоми пчели, туку шетале низ шумите во потрега по рој диви пчели и нивните гнезда полни со мед.

Тоа не било лесно, бидејќи пчелите наоѓале засолниште за себе и за медот во шуплини на врвовите од дрвјата.

Собирачите на мед морале доста да се измачат качувајќи се по стеблата и удирајќи со врвот од секирата за да пронајдат шуплина под кората.

Кога ловецот на мед ќе наишол на засолниште, неговата секира лесно ја пробивала кората од дрвото и веднаш тонела во мед, што се сметало за голема среќа, па така настанала фразата „Му падна секирата во мед“.

- Реклама -