16 термоелектрани од Западен Балкан загадуваат повеќе од сите 250 термоелектрани во Европа заедно

Аерозагадувањето не го интересираат граници, а деновиве балканското стана една од поважните теми во европската јавност. Има и повеќе од добра причина: Не само што го труе Балканот, туку ја труе и цела Европа.

Имено, според најновиот извештај на Европската енергетска заедница (со седиште во Виена), во соработка со мрежа од невладини организации предводени од Алијансата за здравје и животна средина (HEAL) и европската огранизација за заштита на животната средина „Europe Beyond Coal“, 16 термоелектрани од Западен Балкан го загадуваат регионот и цела Европа повеќе од сите други 250 термоелектрани на европското тло. Извештајот е објавен минатата недела во Брисел, како предупредување за граѓаните, владите на земјите во регионот и Европската унија, дека загаденоста на воздухот во Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Црна Гора и Србија, станува „невидлив yбиeц за цела Европа“.

Како што пренесува францускиот весник Liberation во обемната анализа, 16-те термоелектрани во регионов во просек емитуваат по дури 20 пати повеќе сулфур диоксид и 16 пати повеќе отровни честици отколку сите други 250 термоелектрани во Европа заедно. Како главни причини, весникот ги наведува застареноста на термоелектраните, отсуството на визионерски развојни политики, како и човечката негрижа за животната средина.

Како што се истакнува во извештајот, проценките се дека тоа ја чини Европа од 6.1 до 11.5 милијарди евра годишно за здравствени трошоци кои произлегуваат од најголемите загадувачи на воздухот во Европа. Тие трошоци не ги плаќаат само граѓаните и економиите во загрозените земји, туку сите членки на Унијата, пренесува Liberation повикувајќи се на изјави од енергетски и здравствени експерти.

Колку за пример, термоелектраната „Угљевик“ во БиХ емитува сулфурен диоксид (SO2) како сите германски термоелектрани на јаглен заедно.

НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО КАКО УСЛОВ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА?

Поради ваквите загрижувачки податоци, Liberation наведува дека ЕУ мора од земјите од Западен Балкан да побара што поитно прилагодување кон постоечките легислативни стандарди на Унијата. Во тој контекст цитиран е авторот на извештајот, кој предупредува и бара од ЕУ да ги заостри пристапните критериуми за членство за сите земји од регионов, посебно во секторите за животна средина и заштита на здравјето (27. и 28. преговарачко поглавје).

„Земјите кои би останале глуви на таквите барања би требало да се соочат со застој во процесот на европски интеграции, бидејќи пристапот во Европската унија во иднина не би требало да биде можен ако владите во регионот не обезбедат драстично намалување на загадувањето на животната средина и радикално не ја зголемат својата одговорност за здравствената состојба на граѓаните во своите земји“.

Пристапувањето во ЕУ не треба да биде можно доколку не дојде до драстично намалување на загадувањето во регионот, доколку не се изгасат застарените термоелектрани и доколку владите на овие земји не се свртат кон други извори и видови на чиста енергија, се надоврзува и претставничката на HEAL – Влатка Матковиќ-Пуљиќ во изјавата за Liberation.

Весникот потсетува дека и без тоа земјите од Западен Балкан мораат да ги намалат своите штетни емисии, бидејќи на тоа самостојно се обврзале при потпишувањето на меѓународните договори. Освен Договорот за стабилизација и асоцијација, тука е и Договорот за енергетска заедница, според кој, на пример, термоелектраната „Угљевик“ во БиХ само во минатата година морала да ја намали емисијата на SO2 за дури 15 пати – од сегашните 150.000 тони на „само“ 10.000 тони годишно.

„Тоа е најдрастичното намалување кое требаше да се случи минатата година во регионот, но во реалноста не видовме, ниту денес гледаме да се вградуваат филтри“, вели Матковиќ-Пуљиќ.

ПОСЛЕДИЦИТЕ

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), БиХ е на второ место во светот по стапката на смртност предизвикана од загадување на воздухот. Само Северна Кореја има повисока стапка. На ниво на цела Европа, по стапка на морталитет на 100.000 жители, БиХ е прва по загаденоста на воздухот и неговата штетност по здравјето на луѓето.

Балканското загадување, наведува францускиот весник, се прелева во Европа во вид на 3.900 смртни случаи само во 2016-та година. Според извештајот и Europe Beyond Coal заедно со уште четири други невладини организации, споменатиот трошок што балканското загадување ѝ го причинува на Европа (11.5 милијарди евра), е многу поголем од трошоците кои би произлегле од реконструкција на постоечките застарени термоцентрали на Западниот Балкан.

Прочитајте и:  Рекордна загаденост на воздухот во Њу Делхи - 60 пати над максималниот праг

Според индексот на (не)квалитет на воздухот на специјализираниот вебсајт AirVisual, Сараево, Скопје, Белград, Тузла, Зеница, Ниш и други градови од Западниот Балкан редовно се во врвот на загадените во светот. Притоа, секоја година овој регион доживува нова и уште полоша епизода на зимско загадување, кое произлегува, се наведува, првенствено од неконтролираната употреба на јаглен како најевтин енергенс за производство на електрична енергија, греење на домаќинствата, но и за индустријата.

Од 10-те најголеми термоцентрали на тлото на Европа кои емитуваат најголеми концентрации на сулфур диоксид (SO2), дури 9 се на Западен Балкан, наведува Liberation. Сличен е случајот и кога се зборува за најотровните честици (PM10) – дури осум од најотровните најмногу се вдишуваат во земјите од Западен Балкан.

ОСТАВШТИНА ОД КОМУНИСТИЧКАТА ЕРА

„Костолац Б“, изградена во 1987 година и некогаш одамна најконкурентна во Европа, како и „Угљевик“ во БиХ – изградена во 1976 година (а која, како што рековме, загадува повеќе од сите германски термоцентрали заедно), се „комунистички фабрика за струја“ кои користат лигнит – јаглен кој најмногу ја загадува околината и е најопасен за човечкото здравје, истакнува Liberation.

 

Иако денес постојат бројни технолошки решенија за ограничување на емисијата на сулфур диоксид, извештајот на невладиниот сектор и анализите на западните експерти покажуваат дека во регионот такви решенија воопшто не се користат, или се користат само делумно. За илустрација, „Костолац Б“ во Србија дури и поседува современа технологија за прочистување на отпадните гасови, но поради трошоците за нејзината употреба, таа технологија не ја користи. Според западната логика и стандарди на општествена одговорност, ова би било сметано (и се смета) за тешко морално и прекршување во работењето.

Од друга страна, повеќето термоелектрани во регионот не се изградени во склад со европските стандарди и не поседуваат таква технологија. Во регионот нема ни забрана за употреба на лигнит, а згора на тоа Србија и БиХ планираат и дополнителна изградба на нови термоелектрани кои ќе работат на овој вид јаглен.

Изградбата е планирана во соработка со кинески градители и долгорочни кредити, на што неодамна предупреди и германскиот „Дојче веле“. Како спорни весникот ги наведува новиот блок во „ТЕ Костолац“, потоа блокот 7 во „ТЕ Тузла“, потоа термоелектраната „Угљевик 3“, новата термоелектрана и во Бановиќи (БиХ), „Какањ 8“ и „ТЕ Гацко 2“ исто така во БиХ, како и изградба на термоелектрана во Плевља, Црна Гора. Притоа, еден од примарните аргументи на заговорниците на изградбата на овие нови термоелектрани е тоа дека струјата произведена на тој начин е (наводно) три пати поевтина отколку енергијата добиена од соларни или ветерни електроцентрали.

Во целата оваа приказна, орото го водат Кинезите, напиша тогаш „Дојче веле“. За пример весникот го истакнува договорот на БиХ со кинеската банка Exim, според кој позајмицата од 613 милиони евра граѓаните на земјата ќе ја плаќаат во наредните 20 години, но не само со банкарска камата, туку „и со своето здравје“, коментира весникот.

ЗАПАДНИОТ БАЛКАН КАКО КОЧНИЦА ЗА ЕКО ЕВРОПА

Со оглед дека на Западниот Балкан не само што опстојуваат старите термоелектрани туку никнуваат и нови, Дојче веле оценува дека количината на спален јаглен на Балканот ќе ја спречи Европа и во остварувањето на климатските и енергетските цели поставени од ЕУ. Членките на ЕУ планираат до 2031 година да ги затворат сите термоелектрани на јаглен, што беше договорено и на Парискиот самит околу климатските промени, но енергетското заостанување на Балканот, како и отсуството на свест и пари за премин кон чиста енергија, можат да ги загрозат таквите планови.

А тоа, според Денис Жишка од Центарот за екологија и енергија од Тузла, би можело да има катастрофални последици по климата и животната средина, но пред сè по здравјето на луѓето во близина на термоелектраните и во регионов.

Во извештајот на Енергетската заедница со седиште во Виена се наведува дека обновливите извори на енергија се единствената дологорочна шанса за земјите од Западен Балкан, под услов ЕУ, преку разни проекти и буџетски канали, да помогне во изградбата на потребната инфраструктура.

Извор: Ал Џезира Балканс

 

- Реклама -