Шведската тинејџерка Грета Тунберг, една од најпрочуените активистки во борбата против климатските промени во моментов, ги повика светските лидери да се однесуваат кон планетата како што се однесуваат и кон (обновата на) опожарената Нотр Дам.
Тунберг се обрати пред Комитетот за животна средина на Европскиот парламент, порачувајќи им „катедралскиот начин на размислување“ да го применат и во борбата со климатските промени. Во еден момент од говорот, видно вознемирена, буквално низ солзи, Тунберг ги набројуваше начините преку кои луѓето предизвикуваат „климатски економски колапс“, како на пример, уништување на шумите, загадување на воздухот, исчезнувањето на животински видови и зголемување на киселоста на океаните.
Како и многупати досега, таа ги обвини светските лидери дека се премногу релаксирани во совладувањето на климатските промени, па им порача дека сака да паничат, наведувајќи пример со куќа што гори. Нашата куќа, таа што ја викаме Земја, се разбира.
„Голем број политичари ми рекоа дека паниката никогаш не води кон нешто добро, но кога куќата ви гори и сакате да спречите да изгори до темел, тогаш тоа навистина бара извесна доза на паника“, порачува таа.
Зборувајќи за пожарот што го уништи главниот покрив и кулата на катедралата Нотр Дам, Тунберг рече:
„Нотр Дам ќе биде обновена, се надевам дека има цврста основа. Се надевам дека нашите темели се уште посилни, но се плашам дека не се“.
Ако политичарите и светските лидери се однесуваа како куќата да ни гори, „ако нашата куќа се распаѓаше, нашите лидери немаше да продолжат да се однесуваат на начинот како што се однесуваат денес (во борбата со климатските промени. Тогаш вие (политичарите) би промениле сè што правите“, им порача таа, критикувајќи ги лидерите на ЕУ поради тоа што летаат низ светот со бизнис класа, како и дека не се откажуваат од употребата на јаглен, иако тоа би требало да го направат веднаш.
„(Ако куќата ни гореше), Вие немаше да одржите три вонредни самити за Брегзит, а ниту еден вонреден самит за колапсот на климата и животната средина“, порача таа пред политичарите.
„Немаше да ја славите што една единствена нација, како Ирска, наскоро може да престане со употреба на фосилни горива… Доцниме 30 години за таквиот тип на прослави…
Ако куќата ни се распаѓаше, медиумите немаше да зборуваат за ништо друго освен за тоа. Немаше целото свое време да го поминете расправајќи се за даноци или за Брегзит. Затоа што сепак, нели, куќата ни се распаѓа“.
Таа потсети дека самата е премлада за да гласа, но ги повика тие со право на глас на претстојните европарламентарни избори да се обединат зад науката и да гласаат за децата.
„Треба да гласате за нас, за вашите деца и внуци. Вие гласате за идните животни услови на човештвото. Не можете и не смеете да ги игнорирате научниците или науката, ве молам немојте да потфрлите во ова“, апелира Тунберг, која од Стокхолм до Стразбур допатува со воз, за што има многу добра причина и што е еден од начините на кои таа придонесува во борбата со климатските промени.
Магазинот „The Times“ ја прогласи Грета Тунберг за една од највлијателните тинејџери во 2019-та година. Покрај тоа, 16-годишната активистка е номинирана и за Нобеловата награда за мир. Повеќе за тоа ТУКА.