Македонија оди на светско првенство

Ниту најавите за пеколна атмосфера во Виена, ниту провокаторските способности на голманот Бауер, ниту оптимизмот дека можат да го елиминираат нашиот национален тим, ниту пак очигледната наклонетост на судиите, не им помогнаа на Австријците да стигнат до Светското првенство 2013.

Напротив, очигледниот квалитет, поддржан и од македонските навивачи дефинитивно пресуди кој следната година ќе биде присутен во Шпанија, и покрај поразот од 30:27 синоќа во салата „Алберт Шулц“ во Виена, кој за нас беше доволен за пласман на СП по претходниот триумф од 26:21 во Скопје.

Во првото полувреме од самиот почеток се играше гол за гол без позабележителна предност на двете страни. Австријците се обидоа да наметнат некоја своја игра под тензија, но наспроти максималната смиреност на нашата страна апсолутно ништо не им успеа. Во 10. минута по двата гола на капитенот Лазаров ние имавме предност од 4:3, па иако потоа домашните со агресивна игра имаа во 16. минута и водство од 9:6, сепак до крајот на првиот дел квалитетот, кој апсолутно е на наша страна, дојде до израз за наша предност по првите 30 минути од 14:13.

Но, во второто полувреме веднаш ја презедовме играта во свои раце. Преку нашите лидери Кирил Лазаров и Наумче Мојсовски, како и расположениот Борко Ристовски на голот, веќе во 39. минута имавме предност и од 16:19 која потоа рутински ја одржувавме до десетина минути пред крајот. Кога веќе беше очигледно кој ќе биде вкупниот победник од бараж пресметката последните осум минути следеше мало опуштање во нашата игра дозволувајќи домашните да го преземат водство и на крајот да стигнат до, за нив недоволна победа од 30:27.

Најефикасен во нашите редови беше Кирил Лазаров со девет гола, додека Наумче Мојсовски забележа седум погодоци. Четири гола на крајот зад своето име запиша искусниот Стевче Алушовски, три постигна Филип Миркуловски, додека два имаше Ванчо Димовски. По еден постигнаа Стоилов и Манасков. На голот Борко Ристовски заврши со 12 успешни одбрани.

Македонија по трет пат во својата историја, по Египет и Хрватска, обезбедува пласман на најголемата ракометна манифестација во светот, овој пат од 13. до 27. јануари следната година во Шпанија.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -