Ефремов и Рожман ќе трчаат за Македонија во Лондон

Атлетската Федерација на Македонија ги одреди Ивана Рожман и Кристијан Ефремов како претставници на нашата држава на Олимписките Игри во Лондон.

Откако ниту еден македонски атлетичар не успеа да стигне до олимписка норма, Македонија доби можност да избере двајца спортисти што ќе ја претставуваат на најголемото спортско натпреварување во британската престолнина.

„Согласно циркуларното писмо добиено од ИААФ, кое се однесува за Летните Олимписки Игри – Лондон 2012, во кое се наведува дека националните федерации кои имаат атлетичари без олимписка норма, имаат право да ги пријават без норма најдобриот атлетичар и најдобрата атлетичарка од својата земја, ИО на АФМ донесе одлука дека на претстојните ЛОИ ќе учествуваат атлетичар и атлетичарка со најдобар резултат (според ИААФ табелата) кој ќе биде постигнат најдоцна до 10 јуни 2012. Согласно горенаведеното, АФМ до Македонскиот Олимписки Комитет ги пријави Ивана Рожман, Кристијан Ефремов и нивниот тренер Ѓорѓи Вучков“ се вели во соопштението до јавноста на Атлетската Федерација на Македонија.

Рожман ќе биде дел од трката на 100 метри, каде што нејзино најдобро време во кариерата е 12.01 секунда, а најдобар резултат во 2012 година е 12.42 секунди. Кристијан Ефремов ќе се натпреварува на трката на 400 метри, делница што ја истрча за време од 48.26 секунди на митингот во Софија на 9 јуни годинава.

Овие двајца македонски репрезентативци ќе бидат дел и од Европското Првенство во атлетика што од 27 јуни до 1 јули ќе се одржи во Хелсинки.Македонија до сега има четири претставници на ОИ во Лондон, со оглед на фактот дека пред двајцата атлетичари, покани за настап добија и пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова.

Македонската спортска јавност е во исчекување на настапот на кошаркарскиот национален тим на предолимпискиот турнир во Венецуела, со надеж дека за прв пат во историјата ќе имаме свој претставник во колективните спортови на едни Олимписки Игри.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -