15-годишно девојче распали по светските лидери на Конференцијата за климатски промени (ВИДЕО)

Конференцијата COP24 за климатските промени, која се одржа во Полска, заврши како и сите други досега – со многу отворени прашања и нешто поголема загриженост по прашањето за климатските промени. Во суштина – без ништо радикално и конкретно.

Грета Тунберг – 15-годишно девојче од Шведска, не е воопшто задоволна од таквиот исход, но тоа што ја разликува од нас „обичните смртници“ е што таа го крева гласот.

Грета има Аспергеров синдром, но тоа, како и секојдневните активности околу училиштето, не ја спречуваат секој петок да ѝ се обраќа на владата на Шведска, пред сé околу неопходните мерки потребни по прашањето за климатските промени.

Овојпат Тунберг допатува од Шведска за да одржи говор на конференцијата. И тоа каков говор!

(ако разбирате англиски, слободно прескокнете го транскриптот и гледајте го видеото)

„Јас сум Грета Тунберг. Имам 15 години и доаѓам од Шведска. Овде пред вас говорам во име на вистината за климатските промени.

Многу луѓе велат дека Шведска е мала земја и дека не е важно тоа што ние го правиме. Меѓутоа, јас научив дека никогаш не си премногу мал за нешто да промениш. Ако неколку деца можат да добијат медиумско внимание само затоа што не се појавиле во училиште, тогаш замислете што сé можеме да направиме заедно, ако тоа навистина го сакаме. За да успееме во тоа, мораме да говориме јасно, без оглед колку е тоа непријатно“, порачува Грета и продолжува уште пожестоко, „погласно“.

„Вие зборувате само за зелен вечен економски раст, бидејќи се плашите од лош публицитет. Вие зборувате само за ‘одење напред’ со истите лоши идеи кои нас и нé доведоа до моменталниов хаос, дури и кога единствено разумно нешто би било под итно да ја повлечеме рачната и да запреме сé. Не сте доволно зрели за да ги кажете нештата какви што се; дури и тој товар ни го оставате нам, на децата. Но мене не ми е гајле за популарноста, туку за климатската вистина и нашата жива планета“, порача младата Швеѓанка, додавајќи дека целокупната  цивилизација се жртвува во име на мали групи луѓе кои заработуваат големи суми пари и богатство:

„Нашата биосфера е жртвувана за да можат богатите луѓе од земјите како мојата да живеат во луксуз. Токму страдањата на мнозината плаќаат за луксузот на неколкумината. Својот 75. роденден ќе го славам во 2078 година. Ако имам деца, можеби ќе го поминат тој ден со мене. Може ќе ме прашаат зошто ништо не сте направиле додека сé уште било време за тоа…

Велите дека ги сакате своите деца повеќе од сé друго, а сепак им ја крадете иднината пред нивните сопствени очи. Сé додека не се фокусирате на тоа што треба да се направи, наместо на тоа што е политички можно, нема (да има) надеж. Не можеме да ја решиме кризата ако не ја третираме како криза. Мораме да ги задржиме фосилните горива внатре ВО земјата и мораме да се фокусираме на еднаквост. И ако е толку невозможно да се најдат решенијата во рамки на системот, тогаш можеби треба да го смениме самиот систем“.

Грета продолжува во име на децата, уште пожестоко:

„Не дојдовме овде да ги молиме светските лидери да им е гајле. Нé игнориравте во минатото и ќе нé игнорирате пак. Вие останавте без изговори, а ние остануваме без време. Дојдовме овде за да ви дадеме до знаење: Промената доаѓа, ви се допаѓало вам или не. Вистинската моќ им припаѓа на луѓето (народот). 

Ви благодарам“.

Погледнете го говорот, нема да зажалите:

- Реклама -