Ќе се прекинуваат натпревари од ЕП поради расизам

Претседателот на УЕФА, Мишел Платини, предупреди дека Европската фудбалска федерација нема да дозволи да има расистички испади на натпреварите од ЕП 2012.

Доколку се појават облици на расизам од трибините, можно е дури и да бидат прекинати мечевите од шампионатот. Судиите ќе добијат директна наредба да реагираатна секаков израз на расистичко однесување.

„Постои зголемено ниво на национализам и расизам во Европа и УЕФА нема да го дозволи тоа на натпреварите на Европското првенство. Сите судии веќе добија насоки дека треба да го прекинат секој натпревар на кој ќе има расистички испади. Тоа навивачите мора да го знаат и да бидат свесни дека би можеле да придонесат и за несакан развој на шампионатот“, изјави Мишел Платини.

Претседателот на УЕФА не очекува фудбалерите сами да реагираат на евентуалните расистички повици од трибините. Пред сè мисли на Марио Балотели, кој најави дека ќе си замине од теренот, ако биде навредуван од навивачите на расна основа.

„Има судија на теренот и тој ќе ги превземе сите мерки. Не треба самите фудбалери да се ставаат во улога на делители на правдата. Тоа не е добро за фудбалот воопшто“, потенцираше првиот човек на европскиот фудбал.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -