14-годишникот што ги убеди луѓето да го забранат опасниот дихидроген моноксид

Во пролетта 1997 година, 14-годишниот Натан Зонер – учесник во училишен научен проект, склопи убедливо аргументирано и фактички точно образложение кое повикуваше на забрана на една многу честа хемиска состојка – дихидроген моноксид – позната и како DHMO.

На 50 од неговите соученици им подели извештај со наслов „Dihydrogen Monoxide: The Unrecognized Killer“, во кој сосема точно и прецизно беа наведени опасностите од DHMO…

Експериментот предизвика многу галама, па стигна дури и до Washington Post.

Во извештајот пишуваше дека: Хемикалијата има способност да кородира и ‘рѓоса метал, а може и да предизвика сериозни изгореници. Ако ја консумираш, може да предизвика подуеност и прекумерно уринирање и потење. Илјадници луѓе во САД и светот умираат од случајно ингестирање на истата, годишно. Ако си зависен од неа и прекинеш да ја консумираш, може да те убие. Ја има во големи количини во киселите дождови, во туморите и сл.

По читањето на овие информации, Зонер ги прашал соучениците, од кои сите учеле хемија, што мислат дека светот треба да направи околу заканата наречена DHMO. 43 од нив гласале дека треба да се забрани, акцентирајќи ја нејзината смртоносна природа.

Проблемот е што нема влада што би се решила на таков смел чекор. Зошто? За тие што не провалија уште од насловот: Зашто DHMO е хемиската кратенка за H20, т.е. вода.

Проектот на Зонер беше награден на тогашниот саем на наука, иако тој не е првиот што покажа дека лесно е да се предизвика хистерија околу нешто што е толку „безопасно“ како водата, која да, стварно може да те изгори (кога е жешка), да те удави, да те убие ако не ја пиеш, или да ти наштети во разни други форми. Еден од најраните примери на фората датира од 1983 година, од мичигенскиот весник The Durand Express, кој на 1-ви април таа година извади статија за „опасностите од дихидроген моноксид“. И тогаш наседнаа луѓе. А можеби го паметите и видеово (од пред 10 години), кога хипици потпишуваа петиција за забрана на водата.

https://youtu.be/yi3erdgVVTw

Овие експерименти докажуваат колку лесно е да се потпадне на „лажни“ научни информации кои наведуваат во погрешен правец и предизвикуваат страв меѓу јавноста. Лекцијата, и две декади подоцна, е дека хемикалиите не се секогаш лоши. Сé е направено од хемикалии, и само затоа што нешто има име кое не ви е познато, не значи дека е опасно.

Еве го истото и со содиум хлорид… Сол. Кујнска сол.

Лесно е да се потпадне под псевдонаука со „doomsday (крај на светот) реторика“, бидејќи како прво – загадувањето е навистина страшно, а како второ, многу од нас немале контакт со хемија и вистинска наука со години. Но со малку здрав и задолжителен скептицизам, во денешно време особено помогнат од можноста за пребарување на информации на интернет, сите можеме да научиме да маневрираме меѓу сличните лажни факти. А тогаш, лесно ќе увидиме дека без дихидроген моноксид нема живот.

- Реклама -