Демотивација за еден стрелец

Имало едно време еден воин, кој што се славел како голем мајстор во оружјето, со исклучок на лакот.

Уморен од војувањето, тој одлучил да се повлече и да ги посвети деновите на проучувањето на мајсторство на  лак и стрела.

Открил еден манастир, каде што се предавала оваа дисциплина и таму поминал среќни години на проучување. Откако завршил периодот на обука игуменот на манастирот му рекол на воинот: „Сине мој, те научивме  на сè што знаевме за уметноста на стрелаштвото. Време е да тргнеш по својот пат”. Со растажено срце воинот го  напуштил манастирот и  некое време скитал сам, додека стигнал до своето родно село. Со чудење, влегол во селото, забележал една мета на дрво со стрела, заглавена токму во центарот.

„Оној кој што ја истрелал стрелата точно во центарот, мора да е многу добар стрелец” – си помислил тој. Неколку чекори понатаму видел уште една цел, а потоа уште една, и уште една. Во центарот на секоја од целите имало по една заглавена стрела.

Воинот одлучил дека треба да дознае кој е овој мајстор на лакот, бидејќи сигурно ќе има многу да учи од него. Заминал кон постарите луѓе во селото и им рекол: „ Сакам да го донесете тој стрелец од шумата.За еден час ќе го чекам крај реката на крајот на селото”.

И така по еден час воинот дошол на средбата и чекал. Никој не се појавил. Имало само едно девојче кое си играло до реката и кога го видело човекот, се доближило до него:

– „Чекате ли некого, господине?” – запрашало девојчето. Воинот одговорил: „Оди да си играш, мала”.

– „Но на мене ми изгледа дека чекате некого, а  ми рекоа дека треба да се сретнам со некој човек крај реката”.

– „Точно е, чекам некого. Очекувам да се сретнам со најголемиот стрелец со лак во ова село, оној кој ги истрелал сите стрели точно во центарот на целите кои што ги видов”.

– „Па тогаш тоа е една среќна средба, бидејќи јас сум човекот кој ги истрела стрелите”.

Воинот се изненадил, а потоа прашал: „Ако она што ми го кажуваш е точно, кажи ми точно како успеа секој пат да погодиш центарот на целта?”

– „Многу е лесно – одговорило девојчето – го вадиш лакот, нишаниш  со стрелата, ја истрелуваш  и каде и да падне црташ околу неа една цел”.

Поука: Колку и да се трудиме и умееме да ја погодиме целта, секогаш има некој што ќе не збуни, па некогаш и победи со неумеење…

- Реклама -