Поминаа две години откако луксузниот крстосувач „Коста Конкордија“ потона во Италија. Конечно, полициските нуркачи успешно влегоа во бродот, само неколку дена пред официјалниот обид бродот одново да заплови.
Замрзнати во времето, бродските продавници, скали, кабини и коридори лежат пусти под површината на брановите, заробени во металниот труп прекриен со тиња. Едноставно, сосема различен свет во кој нема ни трага од гламурот на модерниот 300-метарски крстосувач. Видеото што го снимија нуркачките екипи зборува подобро од сите описи и е само уште еден морничав потсетник на денот кога се удавија 32 патници, а други 4.200, заедно со екипажот, беа приморани да се спасуваат и да стигнат на безбедно.