Заборавени обичаи: Блага ракија и палење на гаќите на свекрвата

Во денешно време апсурдно е да се тестира „честа“ на невестата, на првата брачна ноќ, па така Благата ракија која се прави по повод одземањето на невиноста на невестата веќе замина во историјата на македонските свадбени обичаи.

Сепак, што се случувало порано на блага ракија?

За целосно прифаќање на невестата во новата куќа, значајно место имала нејзината чесност, која се прославувала со обичајот „блага ракија”.

Ако невестата била чесна, свадбата продолжувала во наредниот ден – во понеделникот, со служење блага ракија и повторно со канење на свадбарите, а во многу случаи се гореле и гаќите на свекрвата.

Обично се собирале само жени и се правеле многу „валкани“ муабети.

Овој обред значел дека од тој ден не е пожелно свекрвата да раѓа, односно може да се толкува и како начин за разрешување на скриениот конфликт меѓу различните старосни генерации.

Ако невестата не била чесна, свадбата престанувала и сите обреди се прекинувале. Нечесната невеста најчесто ја враќале дома или, пак, нејзиниот татко морал да даде дополнителни давачки.

Иако го нема поранешното значење, и денес има семејства кај кои свадбата завршува со „блага ракија”, по што многу брачни двојки заминуваат на свадбен пат.

- Реклама -