Од антички времиња па до денес, многу од уметниците – особено поетите, музичарите – сметаат дека инспирацијата доаѓа од некои други светови или ентитети, и дека случајно или намерно само налетува на нив. Со други зборови, не бираат тие лично кога ќе ја напишат/насликаат и која ќе биде најдобрата нивна песна/слика, ниту пак свесно го создаваат делото што ќе се цени векови подоцна.
Било таквиот „уметнички занес“ да доаѓа од некакви мистериозни ентитети од други димензии или како резултат на обични случајности, истиот принцип се чини важи и за некои од најголемите или најпопуларните изуми.
Кока Кола
Кока Колата почнала како напивка од кола ореви и листови од кока, создадена од фармацевтот Џон Пембертон – ветеран од американската Граѓанска војна. Тој ја направил за војниците кои примале морфиум за своите рани, за да го третира нивниот нервен систем. Нешто подоцна почнал да ја продава и како пијалок и бизнисот прилично му тргнал, но тогаш ги продал своите акции. Новите сопственици почнале да произведуваат Кока Кола со листови од кока, но без кокаин.
Караоке
Даисуке Иноуе свирел во јапонски рок-бенд кој најчесто настапувал на канцелариски журки при разни деловни поводи за прослава. Бендот си створил заштитен знак – секогаш кога славениците доволно ќе се опијанеле – им ставале микрофон во раце, а бендот продолжувал да свири само како музичка поддршка.
Еден ден, бендот го извисил, па Даисуке морал да користи готови снимки. Па му текнало: што ќе му е бенд, ако може да направи машина што ќе ја свири музиката? И така, направил 11 машини, кои почнал да ги изнајмува и по разни барови. Машините меѓутоа ги забележал еден добро поткован бизнисмен, и за многу брзо време неговите фабрики почнале масовно да произведуваат и да го преплавуваат пазарот со караоке-машините што денес ги знаеме. Даисуке си останал со празни раце, како и многу други иноватори.
Пластелинот Play-Doh
Супстанцава настанала за чистење на тапети во куќите со камини, кои потемнувале од чадот и на кои се таложеле саѓи. Со појавата на винилните тапети, кои лесно се чистат со сунѓер, пластелинот ја загубил својата примена.
Тогаш, една роднина на иноваторот, која била учителка во детска градинка, им ја дала смесата на децата да си играат… и видела дека се пресреќни. Подоцна детергентот е отстранет од смесата, заменет е со боја, а го добил и денешното име – Play Doh.
Лентата за трчање
За многумина, лентата за трчање е модерна справа за мачење. За волја на вистината, токму така настанала. Првите почетоци датираат од 1800-тите, кога справата била измислена како начин на казнување на англиските затвореници. Изгледала како веслачко тркало (како она на водениците или на парните бродови), по кое затворениците биле приморани да се качуваат – во спротивно паѓале и биле тепани. Малку подоцна, на некој му текнало дека ваквата сила може и да се искористи, па во 1818 година Сер Вилијам Кубит направил еден вид на „бескрајно скалило“ кое ја користело пешачката сила на затворениците за мелење на жито. Концептот набрзо се проширил во многу сфери и низ цела Британија. Подетално тука.
Самолепливи Post-it стикери
Др. Спенсер Силвер сакал да измисли траен лепак, ама лепилото што го создал не било доволно силно, па предметите лесно се одлепувале. Тогаш, неговиот колега Артур Фрај побарал да го користи лепакот за да ги залепи своите белешки во својата книга со религиски песни која често ја користел. Тоа му дало идеја на Силвер, и наскоро продавниците биле полни со лепливи ливчиња за белешки.
Штикли
Во Древен Египет, штиклите биле статусен симбол на високите официјални лица, кои носеле подигнати обувки при религиозните ритуали (меѓу другото и заради визуелниот ефект што правел да изгледаат „повисоки“, поголеми од обичните луѓе). Тоа важело и за мажите и за жените.
Штиклите биле омилени обувки и на древните месари, кои ги користеле за да не газат во крвта од месото или при колењето животни. Персиските коњаници пак, ги користеле за да се држат цврсто за коњот кога напаѓале со копје или со стрели.
Во средновековна Европа, штиклите биле привилегија на аристократијата, а подоцна нивната популарност пораснала и кај останатите луѓе. Конечно, во 20-от век, се измислени тенките штикли, какви што денес ги знаеме.
Bubble wrap – фолија со меурчиња
Кога инженерите Алфред Филдинг и Марк Чаванес ја создавале познатата bubble wrap фолија во 1957 година, намерата им била да создадат „3Д“ пластичен тапет. Меѓутоа, изумот не функционирал како што се надевале, па го предложиле како материјал кој може да се користи при пакување. Оттогаш, bubble wrap фолијата е незаменлива при пакувањето и транспортот на одредени стоки.
Перници
Во Месопотамија, перниците биле симбол на богатите луѓе. Во меѓувреме, обичните луѓе користеле тврди подигнати површини за потпирање на главата при спиење. Целта била да се чуваат бубачките и инсектите подалеку од лицата и косите на луѓето. Од друга страна, во древна Кина се верувало дека меките перници се бескорисни, додека тврдите површини за потпирање на главата – како тие од бамбус, жад, порцелан, дрво или бронза – давале сила и штителе од демони.
Вазелин
Хехе, не. Во средината на 19-от век, работниците на нафтените полиња постојано се соочувале со „восочната“ супстанца што се наталожувала на нафтените пумпи. Британскиот хемичар Роберт Чизброу, меѓутоа, видел други можности: земал дел од „нафтениот желатин“, направил пар истражувања, и увидел дека има и корисни својства. Како резултат, вазелинот во тие рани почетоци добил широка примена во многу полиња – од лечење на рани, по до чистење на теписи.
Спиралата Slinky
Спиралите не биле отсекогаш детски играчки. Напротив, се среќавале и се среќаваат во форма на машински пружини, а тогаш биле составен дел и од бродското инженерство. Така, Ричард Т. Џејмс – токму бродски инженер, додека работел на извесни бродски инструменти, случајно испуштил една таква пружина на подот. Пружината пак, весело се оддалечила од него.
Тогаш и му дошла идејата за детска играчка, а наскоро сприлата Slinky се појавила во излозите на продавниците. Неговата компанија James Spring & Wire Company има продадено над 300 милиони од овие играчки.
Кесички за чај
Во 1904 година, Томас Саливен – њујоршки увозник на кафе и чај, решил да продава чај во постилско, пофенси пакување, па почнал да го пакува во свилени кесички. Неговите купувачи му се изнарадувале на новото пакување, но од сосема друга причина: бидејќи било полесно да се свари чајот без да се вади од кесичката, а и не морал да биде цеден. Како резултат, продажбата доживеала вистински бум, а идејата станала универзално популарна.
Вијагра
Фармацевтската компанија Phizer развивала третман за нарушувања на работата на срцето, но клиничките тестови покажале дека новиот лек во тој поглед е прилично бескорисен. Меѓутоа, бил забележан необичен спореден ефект: лекот силно влијаел на крвотокот во регионот на карлицата. И така, се раѓа прочуениот афродизијак.
Микробранова
Малкумина знаат дека микробрановата печка не била измислена намерно. Кога Перси Спенсер – инженер на Raytheon, тестирал извесна радарска опрема, забележал дека микро-брановите од активниот радар го стопиле чоколатцето во неговиот џеб. Го проширил „експериментот“, ставајќи неколку зрна пченка во магнетронот – и веднаш испукале. Сфатил дека пред себе има начин за побрзо готвење, и ете, микробрановата се покажа како едно од откритијата на векот.