12 години се преправал дека е нем. Сега стварно е нем

Осомничен убиец кој 12 години бил во бегство и се преправал дека е нем, сега навистина е нем, пишуваат кинеските медиуми.

Кинезот, именуван само како „Женг“, е обвинет за убиство на чичкото на неговата сопруга при расправија за кирија во износ од 500 јуани (76 долари), уште во 2005 година. Тогаш 33 годишниот Женг, откако го извршил убиството (со нож), избегал од неговиот дом во Hangzou пред да може полицијата да го фати. Во меѓувреме се одѕивал на лажното име Wang Gui и се преправал дека е нем просјак за да може да се издржува.

Со тек на време се вселил во едно мало село во Anhui, 700 километри северно од Hangzou (од каде што избегал) и почнал да работи во градежништво, продолжувајќи да ја игра улогата. Дури и се оженил и имал дете, но никогаш не им проговорил ни збор, за да не му биде откриена маската.

Ама по 12 години, среќата го напуштила. За време на куќен попис спроведен од полцијата, тоа што немал никакви документи им паднало многу чудно, па му земале примерок од крвта и направиле ДНК анализа. Тогаш сфатиле дека Wang Gui е всушност Женг – убиецот кој е во бегство од пред повеќе од една декада.

Приказната не завршува тука. Полицијата наскоро открила нешто уште побизарно. По толку долго преправање, сега Женг навистина не можел да зборува. Според кинескиот Zhejiang Daily, 12-те години молк го чинеле атрофирани гласни жици, кои на крајот ја изгубиле сета своја функција.

При испрашувањето, Женг комуницирал со полицајците само по писмен пат. Кога го прашале зошто се преправал дека е нем толку долго, убиецот напишал: „Колку помалку зборувам, толку помали шанси да направам грешка“.

Прашањето сега е дали постои начин Женг да може да почне повторно да зборува. Но можеби и не е толку важно; во случај да го осудат за убиството, Женг го чека смртна казна.

- Реклама -