Што прават пред спиење македонските јавни личности?

Секој има свои ритуали, па многумина сметаат дека е најважно она што го правиме пред спиење, бидејќи истото тоа се  одразува на расположението и на енергијата со кои го почнуваме наредниот ден.

„Тоа ни даде мотив да ѕирнеме во креветот на познатите и да дознаеме на кој начин се спушта завесaта во нивните спални“, пишува Дневник.

Атрактивната водителка Миа Kостова, открива дека легнува рано, поради обврските што ги носи наредниот ден.

„Последниве две години секогаш пред спиење гледам во син ми како спокојно спие. Најчесто времето го користам да го изгушкам и да го помирисам, оти како расте, почнува да бега. Откако ќе го заспијам, пијам чаша вино со друштво на социјалните мрежи. Ноќта е неверојатен дел од денот во кој уживам максимално”, објаснува Kостова.

Нејзиниот колега Жарко Димитриоски пред спиење на мобилниот си ја пушта новата епизода од радио шоуто на Хауард Стерн. Така најслатко заспивал.

„Во последно време се навлеков и на аудиокниги и ги слушам нон стоп кога пешачам на кеј или пред да заспијам. Тоа се одразува лошо врз батеријата од мобилниот, така што јасно е зошто сум редовно недостапен рано наутро. Хауард и батеријата од мобилниот се криви, а не дека се правам фраер и исклучувам телефон”, на шега коментира авторот и водител на емисијата “Еден на еден”.

Влатко Лозаноски – Лозано нагласува дека особено внимава на личната хигиена пред да замине во кревет. Пред спиење се опушта со филм, а често заспива и со некој фудбалски натпревар. Сепак, ни призна дека постои една работа што особено го радува доцна во ноќта.

„Сакам да водам љубов пред спиење. Сепак, тоа секогаш се случува спонтано и немаме одредено термини со девојка ми”, се шегува популарниот пејач. Лозано нагласува дека не е од оние типови што често размислуваат длабоко во ноќта.

„Знам да се подзамислам за работите што ми се случувале низ годините, да се оптоварам со тоа што ме очекува во иднина, да барам одговори од типот каде сум згрешил, што сум можел да направам поинаку. Сепак, тоа се случува еднаш во месецот, дури и поретко. Секогаш постои интернетот да ти го одвлече вниманието од црните сценарија што ти доаѓаат во ситните саати”, објаснува тој.

Популарната фолк пејачка и водителка Зуица Лазова најчесто не прави ништо особено пред спиење. Понекогаш толку и е исполнет денот, што едвај чека да ја зграпчи перницата. Тоа особено така се случува кога има настапи до доцна во ноќта. Kога е слободна, секогаш заспива во пристојно време.

„Најмногу се радувам кога синот е до мене. Kога ќе заспие, понекогаш играм игри на мобилниот, а понекогаш само размислувам. Обично тогаш ќе ви текне и на тоа што не треба, нешто што ве притиска, а што не зависи од вас”, открива Лазова.

Младиот пејач Александар Тарабунов, пак, единствено нешто што сака пред спиење е, како што вели, да си ја наполни душата со музика.

„Ми се случува да ставам слушалки да не ги будам другите. Гласно ги слушам рефрените на “Вајтснејк” или класици од 90-те. Понекогаш свирам на класичната гитара или компонирам, гледам добар филм, размислувам и планирам за тоа што следува наредниот ден”, вели тој.

Со слушалки заспива и Надица Димовска, актуелната Мис на Македонија за Мис Глоуб. Манекенката од модното студио “Црнокрак” слуша музика и прави ретроспектива на денот што изминал. Ни призна дека ретко легнува рано.

“Работам во дискотека и го сакам ноќниот живот. Заспивам во раните утрински часови, но никогаш во туѓи кревети. Секогаш си одам дома”, коментира 19-годишната убавица.

- Реклама -