Дознајте како компаниите комуницираат и како го мерат влијанието на Интернет

Интегриран маркетинг, онлајн односи со јавноста и мерење и анализа на социјални медиуми, се трите тематски целини на кои ќе се отвори експертска дискусија на втората AllWeb конференција за Интернет маркетинг и онлајн ПР. Со студии на случај ќе се вклучат Кока кола, Филипс, Цедевита а ќе зборуваат и реномирани професионалци како Драган Варагиќ, Сеад Џигал, Владимир Вулиќ и многу други.

„Оваа година очекуваме богата дискусија и суштинско навлегување во навистина корисни теми за веб заедницата и нејзините корисници. Гребењето по површина за овие теми го има секојдневно, затоа ние ќе отвориме суштинска дискусија која ќе им даде многу одговори и практични и корисни искуства на компаниите кои ќе дојдат на AllWeb“- изјави Дарко Булдиоски, еден од организаторите.

На конференцијата ќе бидат презентирани и податоците од првото сеопфатно истражување за ставовите и однесувањето на македонските корисници на Фејсбук. Овие податоци ќе им помогнат на компаниите, професионалците и организациите подобро да ги позиционираат своите стратегии за оваа социјална мрежа- најавуваат организаторите.

AllWeb е организирана во соработка со IAB Macedonia и има за цел да понуди ново искуство за маркетинг менаџерите, агенциите за маркетинг и за односи со јавноста, луѓето кои обезбедуваат содржини на Интернет, студентите, но и за локалните претприемачи.

Настанот ќе се одржи на 15 ноември во Скопје. Организаторите, NewMedia.mk, најавуваат богата еднодневна програма со повеќе од 18 говорници кои доаѓаат од реномирани агенции, компании и организации од Еврпа, регионот и секако Македонија.

Бројот на учесници е лимитиран, а формата за резервации, листата на говорници и програмата, како и сите останати информации може да се најдат на allweb.mk

- Реклама -