Уште една потврда дека годините се само бројка ни стигнува од Австралија. 102-годишната Irene O’Shea стана најстариот скајдајвер во светот откако скокна од авион од висина од околу 4.5 километри на небото над Аделаид во Австралија.
Ова не ѝ беше прв скок на Ајрин. Првпат скокнала на 100-тиот роденден и толку ѝ се допаднало што оттогаш скока секоја година.
Овојпат имаше и дополнителна причина – хуманитарна. Бабичката овој скок и средствата собрани на вебстраната за донации ги посвети на јужноавстралиското Друштво за борба против болести на моторните неврони, кон кое Ајрин е посебно емотивна, бидејќи од таква болест ја загубила својата ќерка пред 10 години. Слободно можеме да констатираме дека мисијата е успешна, бидејќи видеото и приказната за нејзиниот скок станаа и повеќе од вирални.
Што се однесува до бабичката, не само што успешно скокна и стана најстариот скајдајвер, туку за целото време успеа да биде и супер-слатка – облечена во специјална капа и плетен волнен бабински џемпер, а истовремено и со голема насмевка на лицето. Згора на тоа, за целото време, како за подготовките така и во текот на самиот скок, имала огромна поддршка од внуците.
По извесно време паѓање, падобранот се отворил и бабата слетала мазно како путер. Кога ја прашале за скокот, единствено што се пожалила било дека таму горе било малку студено. Сé друго било одлично – небото чисто, а времето супер, рекла бабичката. Е па нели е цар?