Како што и самиот признава, Хуан Хозе Падиља требаше одамна да заврши каде што заврши Иван Фандињо – тореадорот што се сопна од сопственото платно и им подлегна на повредите што му ги нанесе бикот. Во последните 25 години, Падиља прерасна во еден од најпрочуените тореадори во Шпанија, лесно препознатлив по превезот на окото кој почна да го носи кога бик му зари рог во главата. Два пати. Во несреќата му беше дислоцирано левото око, черепот разбиен, а на едното уво оглуве. Заради превезот на окото кој почна да го носи во корида и надвор од неа, му ставија надимак „Ел Пирата“ (Пират, се разбира). Во своите борби има преживеано и убоди во гркланот, бутот и градите.
На секој фан што на Падиља гледа како херој, постојат неколку други кои сметаат дека тој е олицетворение на спорт одговорен за убивање на неколку илјади бикови годишно, и со тоа симбол на суровоста кон животните. Падиља смета дека критичарите имаат право на свое мислење, сé додека не му викаат „убиец“ пред семејството додека шета по улица во родниот град Херез, на југозападот во Шпанија.
Шпански Vice се прошета со Падиља за да му постави неколку прашања што веројатно сите би му ги поставиле на еден тореадор кога би имале шанса.
Зошто стана тореадор?
„Имав седум години кога прв пат застанав пред бик. Татко ми отсекогаш сакал да биде тореадор, и ја пренесе својата страст на нас. Тројца од моите браќа се пробаа во тоа, но всушност станаа пикадори (тореадор, ама на коњ). Таму каде што пораснав, во регионот Кадиз, има многу животински фарми, и татко ми ме водеше таму да се борам со бикови“.
Колку бикови имаш убиено?
„Би рекол дека имам убиено околу 5.000 возрасни бикови за овие 25 години колку што работам како тореадор, вкупно на тренинзите и во своите 1.500 професионални борби“.
Ти било ли некогаш проблем да го убиеш животното?
„Во нашата култура, ние учиме дека биковите се родени за да умрат во корида. Понекогаш, кога бикот добро ќе се покаже, не сакам да го убијам. Тоа, всушност, често се случува. Но организаторот на борбата сака тоа да го направам, и не постои друг начин. Тоа може да е фрустрирачко, ама е дел од работата“.
Сакаш ли животни?
„Да, сакам животни. Имам домашни миленици. На бикот гледам како на соработник – тоа е посебно животно на кое му се восхитувам и го почитувам. Бикот е мојот живот и мојот свет, и му се восхитувам на неговата храброст. Токму заради таа храброст борбата е претстава и натпревар. Не би имало претстава без натпревар“.
Дали некогаш се плашиш во борба?
„Тореадорите секогаш се плашат пред борбата. Како прво, го ризикуваме својот живот, а како второ, прилично е комплицирано да се трудиш да направиш уметничка изведба со бик“.
Имаш претрпено бројни повреди во текот на својата кариера. Какво е чувството кога бикот ќе те совлада и ќе те растргне?
„Главно чувствувам разбирање. Да бидам искрен, ништо не му замерувам на бикот – тој само ја работи својата работа. Бикот мора да се брани борејќи се против нас. Цената што ја плаќаме за тоа што сме тореадори е ризикот од тоа бикот да нé избуши со роговите, а некогаш и да нé убие“.
И, какво е чувството да убиеш бик?
„Не сум ни среќен, ни тажен. Само имам чувство дека добро сум си ја завршил својата работа“.
По борбата, ти даваат некој дел од бикот како трофеј, на пример уши или опашка. Што правиш со нив?
„Или ќе го однесам дома и ќе го чувам, или ќе го подарам на некој пријател или член на семејството. Тоа се многу лични симболи на гордост, затоа што го потсетуваат тореадорот на неговите успеси“.
Колку си платен, по борба?
„Не смеам јавно да кажам колку сум платен, но за жал, можам да речам дека финансиската криза влијаеше и на светот на борбите со бикови. Сé потешко и потешко привлекуваме публика, што влијае на нашите хонорари“.
Дали би седнал на пијачка со некој што се противи на борби со бикови?
„Да, зошто да не? Сé додека е пристоен. Ги почитувам туѓите идеали, и очекувам и другите да ги почитуваат моите. Го разбирам нивното гледиште, сé додека имаат валидни аргументи и можеме нормално да дискутираме. Ама и јас имам свои принципи – верувам дека претставата која ја изведуваме самата говори во своја одбрана. Кога учествуваш, кога гледаш, можеш тоа да го почувствуваш – претставата вистински живее и вистински умира“.
. . .
А вие, би седнале на пијачка со Падиља?
На темата:
• Крвавата судбина на биковите од Сан Фермин, без цензура
• Што ги лути биковите?
• ВИДЕО: Ако пуштиш бик во продавница за сувенири