10 неверојатни факти за Уран

УранУран е седмата планета по ред од Сонцето, една од надворешните планети, гасните џинови. Уран е третата најголема планета во целиот систем и четврта по масивност. Во Уран, Земјата може да се смести 63 пати.

Уран е седмата планета по ред од Сонцето, една од надворешните планети, гасните џинови. Уран е третата најголема планета во целиот систем и четврта по масивност. Во Уран, Земјата може да се смести 63 пати.

Уран

1. Планетата е именувана по грчкиот бог на небото, Уран, таткото на Хронос (Сатурн) и дедо на Зевс (Јупитер).

2. Уран орбитира околу Сонцето за 84 години. Околу својата оска ротира за 17,2 часа. Ова е единствена планета што ротира странично, па така една од хемисферите е постојано свртена кон Сонцето. Оттаму, летото на Уран трае 42 години, додека хемисферата на која е зима е во потполн мрак. Дијаметарот на планетата е 4 пати поголем од земјиниот, а гравитацијата е за нијанса послаба од онаа на нашата планета.

3. Уран има синкаста боја поради присуството на метан во атмосферата. Метанот ги апсорбира црвената и портокаловата светлина, а ги одбива сината и зелената.

4. Поради оддалеченоста од Сонцето, во составот на Уран (како и неговиот сосед, Нептун) има доста мраз, кој се собира уште од формирањето. Според тоа, многумина ги нарекуваат последните две планети ледени џинови, но тоа не е точна номенклатура. Во составот, планетите имаат карпи, мраз, како и густа атмосфера составена од повеќе гасови. Доколку астронаут се спушти на планетата, притисокот што го создава атмосферата ќе го смачка пред да стигне, според претпоставките, до малото карпесто јадро на планетата.

5. Уран, за разлика од другите три гасни џинови, е здодевен од метеоролошка гледна точка. Времето речиси секогаш е мирно, за разлика од силните ветришта и неверојатните бури кои беснеат на Јупитер, Сатурн и Нептун. Ова се должи на фактот што Уран е единствениот гасен џин кој нема внатрешен извор на топлина.

6. Уран бил откриен во 1781 година од астрономот-аматер Вилијам Хершел, во времето кога биле познати само шесте планети видливи со голо око. Тој бил професионален музичар и оптичар, па така, ја имал вештината потребна да го изработи најдобриот телескоп во тоа време.

7. Во 1977 година, НАСА вршела набљудување на Уран, кога планетата минувала пред сјајна ѕвезда на небото. Тогаш, било откриено оти Уран околу себе има 5 прстени, слични на оние од Сатурн. Подоцнежните набљудувања го потврдиле постоењето на прстените, а во 2005, телескопот Хабл го потврди постоењето на уште еден комплет прстени, кои орбитираат речиси двапати подалеку од првите. Прстените на Уран се слабо видливи, затоа што се тенки и составени од црн вселенски прав.

8. Уран има 27 месечини. 13 од месечините се во кинетичкото поле околу планетата и орбитираат за околу еден ден. Другите пак, орбитираат за само 12 часа. Претерано брзото движење на месечините е совршена подлога за нови судрувања помеѓу нив, со што, според астрономите, ќе се создадат уште прстени околу планетата. Најпогодни за ваков настан се малите месечини Купидон и Белинда кои орбитираат на само неколку стотици километри една од друга, и по некое време, неминовно ќе се привлечат меѓусебно, завршувајќи го својот животен век.

9. Уран може да се види со голо око. На магнитуда од 5,3, под услов небото да биде темно, можете да ја забележите планетата со голо око, доколку знаете точно каде да погледнете. Дури и на поосветлено небо, подвигот може да се изведе со обичен двоглед.

10. Уран бил посетен само еднаш. Откога постојат вселенски летала, само Војаџер 2, во 1986 година, има дојдено на 81.000 километри од површината на Уран. При тој близок прелет, направени се илјадници фотографии, пред леталото да се упати кон следната цел, последната планета од сончевиот систем, Нептун. Не постојат планови во блиска иднина да биде испратено ново летало, па оттаму, нема да има ни нови фотографии од оваа планета.

- Реклама -