Гледајќи некои од познатите филмови каде што главните актери се кучињата, големи се шансите дека сте посакале барем еднаш во животот да станете сопственик на куче. Грижата за миленичето можеби во реалноста нема да биде како на филм, но чувањето на куче може да биде прекрасно искуство за вас.
- Кучето може да ви одземе многу од вашето време и енергија. Да, тие ја враќаат љубовта и ви се оддолжуваат, но им треба и внимание. Ако живеете сами и сте отсутни поголемиот дел од денот, можеби кучето како милениче и не е најдобриот избор за вас.
- Ако имате премногу обврски а сепак сакате да чувате куче, тогаш најпаметно е да изберете раса на куче која не бара многу внимание од нејзиниот сопственик.
- Кучето кое сакате да го земете за ваше милениче не само што ќе треба да одговара на вашиот животен стил, туку и на вашето место на живеење. Ако живеете во мал стан, тогаш куче со голем раст не би бил најпаметен избор. Секако дека не би сакале кучето да развие здравствени проблеми, да му биде досадно и да прави неред во станот како последица на неговиот раст. Кучињата со голем раст навистина треба да живеат во огромни средини каде што ќе ја имаат посакуваната слобода.
- Распрашајте се која раса на куче одговара на климатските состојби на вашето место на живеење, особено ако имате двор и сакате да го чувате вашето куче во него.
- Најголемата обврска околу чувањето на куче е неговата дресура. Ако не сакате да го видите вашиот мебел оштетен или немате пари ниту време да се посветите на неговото тренирање, можеби добра одлука би било да посвоите веќе пораснато, домашно чувано куче.
- Не заборавајте на вашето куче да му набавите доволен број на играчки кои ќе може да ги гризе и ставете ги сите скапи работи (чевли и облека) подалеку од неговиот дофат. Истото важи и за лековите и хемикалиите (шампони, течни сапуни…). Кучињата, особено кога се помали, сакаат да истражуваат и душкаат па осигурете се дека во нивната околина нема да има нешто што би можело да им наштети при евентуален контакт.
- Редовно носете го вашето куче на вакцинација и ветеринарни прегледи. Тоа ќе ви биде бескрајно благодарно и ќе има поздрав и подолг животен век.
- Одвојте време и набавете му соодветен ремен за вратот. Ремен кој ќе биде премногу тесен може да му нанесе повреди при процесот на шетање додека пак преголем ремен може да му даде слобода и тоа да побегне.
- Погрижете се правилно да ја подготвувате неговата исхрана. Кучешката храна богата со разни витамини и минерали во неговите први месеци од животот може да има витална улога во неговиот раст и градба.
- Без разлика на расата која ќе ја изберете, имајте забавни моменти со вашето куче! Велат дека нема подобар пријател на човекот од кучето и ние целосно се согласуваме со тоа.