10 кратки филмови од познати режисери

Во прилог Mk.Kod ни нудат  10 кратки филмови од познати режисери кои можете да ги погледнете на youtube. Секој од филмовите е одраз на познатите режисери во кои се вклучени, Мартин Скорсезе, Дејвин Линч, Вес Андерсон, Стенли Кјубрик и други. Скоро секој од нив почнал да ја гради својата кариера со кратки филмови и интересно е да се погледне визијата која ја носеле во своите почетнички денови.

My Best Friend’s Birthday 1987

Ова дело е на еден од најпознатите сценаристи и режисери, Квентин Тарантино. Филмот завршил како краток филм затоа што последната лента е изгорена во лабораториски пожар додека траела монтажата. Сепак се познава стилот на Тарантино и одличниот изграден дијалог. Овој филм во иднина ќе претставува база од каде Тарантино ќе го напише симпатичното сценариско дело “True Romance”.

Vincent 1982

Прекрасно анимирано кратко филмче за младиот Винсент Малој кој сака да стане како неговиот херој Винсент Прајс. Овој готски хорор стил на Тим Бартон го следи уште од самите почетоци при креирањето на неговите сценографии.

The Big Shave 1967

Многу одамна пред да стане познат режисер, Мартин Скорсезе го направи овој ниско буџетен краток филм. Најпрвин овој филм почнува како реклама каде еден човек се бричи, но брзо потоа работите стануваат крвави.

Last Year In Viet Nam 1971

Краток филм на Оливер Стоун што го направил додека студирал, а зборува за човек кој сака да ги заборави спомените од Виетнам преку фрлање на своите воени сувенири (фотографии, медали…)

Bottle Rocket 1994

Овој краток филм е првиот напишан филм на Вес Андерсон и Овен Вилсон, каде глумат Овен и неговиот брат Лук. Филмот прикажан на Sundance им овозможи да го направат долгометражниот филм “Bottle Rocket 1996”.

Cigarettes and Coffee 1993

Ова е втор краток филм на Пол Томас Андерсон во кој глумат Кирк Балц и Филип Бејкер Хал. Приказната подоцна е адаптирана и развиена во првиот игран филм на Пол Томас Андерсон “Hard Eight”. Приказната е многу едноставна; неколку луѓе кои се мистериозно поврзани преку банкнота од 20 долари, се наоѓаат во ист ресторан во исто време.

Six Men Getting Sick (Six Times) 1966

Од самиот почеток, стилот на Дејвид Линч е апстрактен и чуден. Во ова грубо анимирано парче неколку ликови повраќаат…

The Killers 1956

Заедно со Александар Гордон и Марика Беику, Андреј Тарковски го прави неговиот прв филм во есента 1956 година додека студирал на Рускиот Кинематографски Институт. Ова е адаптација на расказ од Ернест Хемингвеј, трагична приказна проткаена со тешка вистина.

Day Of The Fight 1951

Во овој краток филм кој наликува на документарец Стенли Кјубрик прикажува еден ден на боксери, од подготовка па до самата борба.

Xenogenesis 1978

Овој краток филм на Џејмс Камерон пробува да го долови духот на приказните сместени низ ѕвездите, каде маж и жена трагаат низ вселената во обид да најдат планета за да може да го обноват човечкиот род. Во овој филм може да се најдат многу карактеристики на режисерот како што се опсесијата со машини и храбри хероини.

Текстот е објавен во соработка со Мк.Код

- Реклама -