10 интересни факти за животот на Винсент ван Гог

Винсент ван Гог е еден од најпознатите уметници во историјата, оставајќи зад себе бројни слики кои денес се сметаат за прекрасни ремек-дела. Неговиот живот бил навистина турбулентен, исполнет со внатрешни немири од кои, како што сметаат многумина, се ослободувал сликајќи. Во продолжение читате 10 интересни факти за животот на овој постимпресионистички сликар.

1. Роден е во Холандија

Сте слушнале за Грут-Зундерт? Тоа е името на градот во кој на 30 март 1853 година е роден Винсент ван Гог.

2. Имал брат со исто име

Винсент имал постар брат кој починал на самото раѓање. Неговото име исто така било Винсент ван Гог.

3. Требало да биде свештеник

Доколку Ван Гог ја следел тогашната традиција, тој би требало да ги следи стапките на неговиот татко и да стане свештено лице. За среќа, неговиот живот тргнал во поинаква насока, па денес ги имаме во наследство неговите ремек дела

4. Започнал да слика на позрела возраст

Првото дело на Ван Гог било насликано на неговите 27 години. Пред тоа, тој бил неуспешен продавач на уметнички дела. Винсент бил самоук, а во неговите први слики главен мотив е тажниот и мрачен живот на селаните.

5. Винсент обожавал да се слика себеси

Винсент ван Гог е добро познат по своите автопортрети. Тој насликал повеќе од 30, главно во периодот помеѓу 1886 и 1889 година. Постимпресионистички селфиња?

6. Повеќето негови најпознати дела се нацртани додека престојувал во душевна болница

Прочитајте и:  Ботаничко дуо | Софка и Дани

Дури и фамозната „Ѕвездена ноќ“, ја насликал додека престојувал во болницата во Сен Реми де Прованс, Франција. Денес може да се види изложена во Музејот на современа уметност во Њујорк.

7. Неговиот најпознат пријател бил исто така – уметник

Ван Гог бил близок пријател со Пол Гаугин. Според една легенда, фамозниот инцидент во кој Винсент си го отсекол увото, се случил токму откако се скарал со Гаугин.

8. Бил многу продуктивен

Најголемиот дел од неговите познати слики, биле нацртани во рок од десетина години, пред ненадејно да почине. Во овој временски период, тој насликал околу 900 дела. Замислете, во само 10 години, 900 прекрасни ремек-дела, од кои голем број денес претставуваат едни од најдобрите уметнички „парчиња“ во историјата. Неговата најскапа слика „Д-р Гачет“, била продадена во вредност од 148.6 милиони долари. Насликана е во 1890 година, а продадена во 1990-та.

9. Тој продал само една слика додека бил жив

За време на неговиот живот, Винсент ван Гог бил непознат. Единственото дело кое го имал продадено била сликата „The Red Vineyard“. Тој станал познат дури после неговата смрт.

10. Неговата смрт можеби и не била самоубиство

Винсент ван Гог починал во сомнителни услови во 1890 година. Иако го пред само неколку години не постоеле сомнежи околу неговото самоубиство, сепак, неколку последни теории тврдат дека тој бил застрелан од локален тинејџер.

- Реклама -